ЛОНДОН (АА) - ХАСАН ЕСЕН /БИЛАЛ АЏАР –
Генералниот секретар на Британскиот муслимански совет, Икбал Сакрани, изјави дека одлуката за кремирање на телата на муслиманите што починале од Ковид-19 во Шри Ланка е целосно политичка, и нагласи дека тоа е опасна работа која не може да се толерира, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сакрани даде изјава за АА во однос на кремирањето на телата на муслиманите што починале или за кои има сомнение дека починале од Ковид-19 во Шри Ланка.
Наведувајќи дека ситуацијата во Шри Ланка е доста сериозна, Сакрани истакна дека по одлуката донесена во март минатата година, телата на 103 муслимани, вклучително и на бебе старо 20 дена, биле кремирани пред да бидат дадени на нивните семејства.
Посочувајќи дека одлуката секој што починал од Ковид-19 да биде кремиран е спротивна на верувањето на муслиманите, христијаните и Евреите, Сакрани рече: „Никаде во светот не е донесена таква одлука. Шри Ланка е единствената земја во светот што го наметнува тоа и телата мора да се кремираат.“
Сакрани, еден од водечките муслимански лидери во Велика Британија, истакнувајќи дека ова е против основните човекови права и конвенциите на Обединетите нации, рече дека почитувањето на религијата и верските чувствителности е од најголемо значење.
Осврнувајќи се на фактот дека жалбата на муслиманите во Шри Ланка беше отфрлена од Врховниот суд пред околу 10 дена, Сакрани истакна дека тоа значи голем удар за муслиманското малцинство.
- „Муслиманите се казнуваат колективно од политички причини“ -
Наведувајќи дека тврдењето на Владата во Шри Ланка дека телата на оние што починале од Ковид-19 може да ги загадат подземните води со вируси нема никаква научна основа, Сакрани додаде дека и Светската здравствена организација дала изјава во таа насока.
„Тоа е чисто политички чекор. Муслиманите се казнуваат колективно од политички причини, и ова е неприфатливо“, рече Сакрани, наведувајќи дека откако Судот ја одбил жалбата, почнале да дејствуваат преку исламските невладини организации што работат во Велика Британија.
- „Меѓународната заедница не е запознаена со ова“ -
Нагласувајќи дека како Британски муслимански совет сакаат да создадат свест на меѓународната сцена, Сакрани рече: „За жал, меѓународната заедница не е запознаена со ова. Ние сме во контакт со шефовите на државите и владите и со министрите за надворешни работи на повеќе од 20 земји. Сите почнаа да прават притисок до Владата на Шри Ланка дека тоа што го прави е незаконски според меѓународното право.“
Истакнувајќи дека и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакнал дека ќе ги поддржат, Сакрани изрази надеж дека Ердоган ќе се сретне директно со неговиот колега од Шри Ланка и дека ќе побара да се прекине со таа практика.
Објаснувајќи дека тие преку Комисијата за човекови права на ОН поднеле многу важна правна жалба, Сакрани рече дека и Британскиот муслимански совет исто така започнал правна постапка.
- „Не сакаме ова да претставува опасен пример“ -
Посочувајќи дека многу земји, вклучително и Велика Британија, ги поддржуваат, Сакрани рече:
„Прашање на време е кога ќе се прекине таа практика. Ќе преовладее здравиот разум. Не сакаме ова да претставува еден опасен пример. Ако Шри Ланка успее да се спаси, и во други земји може да се преземат слични активности од исламофобични причини. Значи, ова не може да се толерира. Ова е опасна работа којашто треба да се спречи. И јас сум сигурен дека со помош на Бога ќе се стави крај на оваа неправда.“
- „Предизвикува исламофобија и омраза кон една заедница“ -
Истакнувајќи дека „апсурдно е тврдењето“ на некои високи функционери од Владата на Шри Ланка дека вирусот земен од телата може да се користи како биолошко оружје, муслиманскиот лидер Сакрани рече дека ваквата изјава предизвикува исламофобија и омраза кон една заедница.
Надевајќи се дека меѓународните медиуми ќе го земат предвид ова прашање, коешто предизвикува сериозна загриженост, Сакрани додаде: „Многу е тажно што ова кршење на човековите права се случува на еден несовесен начин. Верувам дека на оваа неправда ќе ѝ се стави крај, откако повеќе луѓе од целиот свет ќе дознаат за ова преку медиумите.“
- Организациите за човекови права ја обвинуваат Владата дека е антимуслиманска -
Во Шри Ланка, каде што мнозинството се будисти, околу 9 проценти од населението се муслимани, а околу 7 проценти се христијани. Досега се регистрирани повеќе од 40.000 случаи на Ковид-19 и 208 смртни случаи.
Во земјата, организациите за човекови права велат дека политиката за кремирање на телата е дел од тековниот напад врз муслиманската заедница од страна на Владата со будистичко мнозинство, предводена од претседателот Готабаја Раџапакса.
Раџапакса ја презеде должноста по нападите врз црквите и луксузните хотели во април 2020 година.