САД: Ненси Пелоси повторно избрана за претседателка на Претставничкиот дом
Пелоси доби 216 гласови од вкупно 427 и го осигури местото спикер со четврти мандат
ВАШИНГТОН (АА) - Претставничката од редот на демократите, Ненси Пелоси од Калифорнија, беше реизбрана за претседателка на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) за 117. состав на Конгресот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пелоси доби 216 гласови од вкупно 427 и го осигури местото спикер со четврти мандат.
Лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти од Калифорнија, доби 209 гласа.
Пелоси (80) ги предводи демократите во Претставничкиот дом од 2003 година и е единствената жена на функцијата спикер.
За време на гласањето, тројца демократи се повлекоа: претставниците Мики Шерил од Њу Џерси, Елиса Слоткин од Мичиген и Абигејл Спанбергер од Вирџинија.
„Во време обележано со историски мала доверба во нашата влада, потребни се нови гласови за придвижување напред и за постигнување вистински прогрес“, истакна Спанбергер, пренесе „Си-ен-ен“.
По победата, Пелоси им изрази благодарност на своите сопартијци демократи.
„Им благодарам на моите колеги демократи во Конгресот за довербата што ми ја дадовте за претседател и ќе настојувам да ги исполнам очекувањата со храброст и единство“, рече таа.
Таа вети дека со новоизбраниот претседател Џо Бајден и новоизбраната потпретседателка Камала Харис, Претставничкиот дом ќе продолжи да работи кон „спасување животи и обезбедување доволен приход за живот, изградба на подобар пат кој ќе ја унапредува правдата во Америка“.
