Aldıjana Hadzıc
29 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
САРАЕВО (АА) - Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, во рамките на официјалната посета на Палестина, оствари средба со палестинскиот претседател, Махмуд Абас, јавува Anadolu Agency (AA).
Изетбеговиќ и Абас ги потврдија пријателските и билатералните односи меѓу БиХ и Палестина. Разменија мислења за актуелната ситуација во двете земји, и состојбата и односите во регионот и на подрачјето на Блискиот Исток.
Изетбеговиќ истакна дека БиХ со посебна загриженост ги следела неодамнешните трагични настани во Појасот Газа, и дека Претседателството на БиХ апелирало на итно спречување на насилството и обнова на дијалогот.
Тој потсети дека БиХ ја поддржала Резолуцијата на Генералното собрание на ОН, со која се повикува на заштита на палестинските цивили.
Тој нагласи дека БиХ силно го поддржува одржувањето на мировната конференција која ќе донесе праведно и долгорочно решение на конфликтот, засновано на принципите на меѓународното право, со цел воспоставување две независни земји.
Тој повика на почитување на резолуциите на ОН, запирање на секаков вид насилство и спречување на изградба на окупираните палестински територии, за да се создадат услови за обнова на мировните преговори и решавање на повеќедецениската криза.
Изетбеговиќ во Рамала е дочекан со најголеми државни и воени почести, а пред средбата со Абас го посети мавзолејот, каде што оддаде почест на поранешниот палестински лидер, Јасер Арафат.
Во делегацијата на БиХ беа Игор Црнадак, министер за надворешни работи на БиХ, Зоран Џериќ, советник на членот на Претседателството на БиХ од Република Српска, Младен Иваниќ, и Игор Планиниќ, советникот на хрватскиот член на Претседателството на БиХ Драган Човиќ.