Fatih Erel
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
АНКАРА - (АА) - Извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен денес предупредува дека четири милиони деца бегалци не посетуваат училиште, што претставува пораст во однос на претходната година од половина милион деца, пренесува Anadolu Agency (AA)
„Додека популацијата што е раселена како резултат на војни и прогон на светско ниво е во пораст, бројот на деца бегалци запишани во училиштата не успева да го одржи чекорот на пораст“, се вели во новиот извештај на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР.
Според ОН, до крајот на 2017 година во светот имало над 25,4 милиони бегалци, а повеќе од половина од нив биле деца, од кои 7,4 милиони на училишна возраст.
Во извештајот се наведува дека само 61 отсто од децата бегалци посетувале основно училиште, во споредба со 92 отсто од децата во глобални рамки; 23 отсто од децата бегалци посетувале средно училиште, споредбено со 84 отсто деца глобално.
„Глобално, запишувањето во високо образование изнесува 37 отсто, додека само еден отсто од бегалците ја имаат таа можност“, се додава во извештајот.
Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, истакнува дека врз основа на сегашната ситуација, доколку не се спроведат итни вложувања, уште стотици илјади деца ќе ѝ се придружат на оваа вознемирувачка статистика.