Betül Yürük
12 Мај 2021•Ажурирај: 13 Мај 2021
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Обединетите нации (ОН) предупредија дека нееднаквоста во дистрибуцијата на вакцината против Ковид-19 претставува сериозен ризик за заздравувањето на економијата на глобално ниво, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот на ОН за Светскиот економски статус и очекувањата, светската економија годинава се очекува да порасне за 5,4 проценти.
Сепак, нерамномерната дистрибуција на вакцината против Ковид-19 меѓу земјите и регионите го загрозува закрепнувањето на економијата, која моментално е нестабилна и кревка поради епидемијата.
Меѓу другото, во извештајот се наведува дека навремениот и универзален пристап до вакцината против Ковид-19 ќе помогне побрзо да се стави крај на епидемијата и да ѝ се помогне на светската економија да закрепне, а во спротивно растот, развојот и можностите ќе бидат пропуштени.
Исто така се додава дека двете најголеми економии во светот, САД и Кина, започнале да закрепнуваат, но економскиот раст во некои земји во Источна Азија, супсахарска Африка, Латинска Америка и Карибите е уште кревок и неизвесен.
Според извештајот, се очекува многу земји до 2022 и 2023 година да не ја достигнат економијата што ја имале пред епидемијата.
- Земјите чии економии зависат од туризам најверојатно нема да закрепнат брзо во 2021 година
Во извештајот, исто така, се забележува дека економските перспективи на повеќето земји во развој ќе бидат под нивото од 2019 година и дека малку е веројатно дека земјите чија економија се заснова на туризам или трговија со стоки брзо ќе можат да закрепнат.
Се додава дека туристичкиот сектор ќе биде под притисок поради бавното укинување на меѓународните ограничувања за патувања и новите епидемиски бранови.
- Епидемијата најмногу ги погоди жените
Извештајот посочува дека поради епидемијата повеќе од 114 милиони луѓе се наоѓаат во екстремна сиромаштија, од кои 58 милиони се жени.
Исто така се посочува дека повеќе жени останале без работа отколку мажи.