ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Левент Ток / Селен Темизер
Од зголемувањето на насилствата во Граѓанската војна во Сирија, досега, Иран како сојузник на режимот на Башар ал Асад, во оваа војна учествува со 120.000 странски терористи. Идлиб е опколен од три страни од 22 групи, кои се позиционирани на 232 точки.
Режимот на Башар ал Асад, подолг период во Сирија спроведува операции против опозицијата, но не со својата војска, туку тоа го прави со помош на странските терористи поддржани од Иран. Најголем дел од овие групи, во моментов се присутни на периферијата на Идлиб, Дамаск, Хомс и Деир ез-Зор, а особено се стационирани во близината на границата со Либан.
Новинарите на АА, анализирајќи ги информациите добиени од медиумските извори на странските терористи поддржани од Иран, иранските медиуми и сириските опозициски сили на теренот, дојдоа до податокот дека раководството од Техеран за првпат ги испратило своите милиции во Сирија во првите месеци од 2014 година.

Но опозицијата и пред овој датум на линијата на фронтот се среќавала со милициите на Хезболах, поддржани од Иран. Хезболах, за првпат му дава поддршка на режим во Сирија во операциите спроведени во близина на границата со Либан кон крајот на 2012 година. Оваа организација, шест месеци по овој настан објави дека му дала поддршка на режимот во руралните делови на Хомс, во местото Кусајр.
Во овој период, командантите на војската на Иранската револуционерна гарда, започнаа да се забележуваат како „советници“ во подрачјата на судири и воена обука, а војниците како „борци“. Покрај директното учество во војната, Револуционерната гарда обезбедува обука и логистичка поддршка за милициските групи што се борат во Сирија.
- Интензивирани нападите откако опозицијата го презеде Идлиб
По преземањето на Идлиб од страна на опозицијата во почетокот на 2015 година, иранските сили почнаа да се инволвираат во операциите на теренот водени од страна на режимот, а тоа особено се интензивираше кога опозицијата се приближи кон Латакија.
Во изјавата дадена во почетокот на 2015 година, Башар ал Асад призна дека војската се наоѓа во тешка состојба и дека е намалена нејзината бројност.
Иранската војска и разузнавачката служба, со цел да го одржат на власт режимот, во Сирија донесоа десетици илјади странски терористи од Ирак, Либан, Авганистан и Пакистан.
Всушност, овие сили ја имаа главната улога во смртта од глад на десетици илјади цивили држени под блокада во Мадаја, Зебадани и долината Барада. Милициите поставиле мини околу населените места, лишувајќи ги цивилите од хуманитарна помош. Бидејќи човечката трагедија достигна неподносливи димензии, народот и вооружената опозиција беа принудени да го напуштат подрачјето. На тој начин започна периодот на принудно раселување, начин што режимот често го практикува.
- Најголем број напади беа изведени во Алепо
Силите поддржани од Иран, своите најинтензивни напади ги извршија врз Алепо во почетокот на 2014 година.
Силите кои по драмата во која стотици илјади лица беа под опсада 4 месеци, му го предадоа Алепо на режимот, со методот блокада-напад-релокација, и за четири месеци во потполност ги испразнија подрачјата на Хомс, Истона Гута, Дера и Кунејтра.
Силите поддржани од Иран, по овие операции веднаш се пренасочија кон Идлиб. Странските терористички групи поддржани од Иран, последните три месеци концентрираат сили и под опсада ги држат источниот, западниот и јужниот дел на Идлиб.
- Половината од групите поддржани од Иран во Сирија се лоцираа во Идлиб
Познато е дека во Сирија има група со повеќе од 120.000 борци поддржани од Иран. Во моментов, приближно половината од овие сили се позиционирани околу Идлиб.
Три страни на подрачјето за намалување на тензиите во Идлиб се опколени од страна на 22 странски терористички групи кои се борат во редовите на режимот, лоцирани на 232 точки.
Источно од Идлиб, во руралниот дел на западно Алепо, се наоѓаат 12 групи: бригадите „Фатимијун“, со потекло од Авганистан, бригадата „Зејнебијун“, со потекло од Пакистан, движењето „Нуџаба“, со потекло од Ирак, силите Бедир, бригадите на Имам Али и Имам Хусеин, либански Хезболах, бригадите „Бекир“, со потекло од Сирија во кои партиципираат борци од Иран и Ирак, сили на Кудс со потекло од Иран и војската на Мехди, сириските бригади „Галибијун“ и единиците на Сопственици на правото.
На југоистокот од Идлиб, во руралнтие делови на северна Хама, лоцирани се 7 групи: движењето „Нуџаба“, либански Хезболах, бригадите „Имам Али“, со потекло од Ирак, бригадите „Ебу Фадил Абас“, бригадите „Бекир“, силите на Кудс и војската Мехди.
Во југозападниот дел на Идлиб, на периферијата од Латакија се позиционирани 3 групи: ирачки Хезболах, бригадите „Зуљфиќар“, со потекло од Ирак, и движењето „Нуџаба“.
Освен овие, во Сирија се наоѓаат и бригадите „Бесиџ“, со потекло од Иран, бригадите на Сведоците на Лива Кефил, бригадите на Кудс со потекло од Палестина, војската на Иранската револуционерна гарда и специјални единици.
Според изворите од кои се информираат новинарите на АА, во моментов групите лоцирани во Хомс и Дамаск се подготвени да пристигнат во Идлиб, доколку започне каква било операција.
- Ирански загуби
Во операциите против опозицијата, Иран имаше и загуби на офицери од висок ранг.
Според информациите објавени од страна на иранските официјални и полуофицијални медиуми и од страна на безбедносни извори, од февруари 2013 година досега, во борбите загинале најмалку 15 генерали.
Најголема загуба за Иран во Сирија претставува загинувањето на генерал Хусеин Хемедани, помошник на генерал Касим Сулејмани - командантот на силите на Кудс, кои се поврзани со војската на Револуционерната гарда.