Hakan Çopur
30 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Најстарата ќерка на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка Трамп, соопшти дека официјално ќе почне да работи како советничка на својот татко во Белата куќа и дека за тоа нема да добива плата, јавува Anadolu Agency (AA).
Од почетокот на мандатот на Трамп во Белата куќа, Иванка присуствуваше на речиси сите негови важни средби, при што беше на удар на критиките дека има неформална улога на советник на важни државни теми.
„Слушнав дека некои луѓе се загрижени затоа што волонтерски и во согласност со сите етички норми ја извршувам функцијата советничка на претседателот на државата. Во иднина, како и сите други јавни службеници, и формално ќе работам во Белата куќа без да добивам надомест за тоа“, порача Иванка Трамп во пишано соопштение.
Иванка веќе има своја канцеларија во Белата куќа, а сега се очекува и официјално нејзиното име да биде ставено на листата на советници на американскиот претседател.
И адвокатот на Иванка Трамп, Џејми Горелик, изјави дека неговата штитеничка сака сите свои активности да ги усогласи со федералните закони и норми. Сопругот на Иванка, Џаред Кушнер, исто така службено е советник на Доналд Трамп.