Lokman İlhan
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
БОГОТА (АА) - Во колумбискиот град Богота е одржан протестен марш во рамките на третиот национален колумбиски штрајк против претседателот Иван Дуке, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националниот колумбиски штрајк се одржува во организација на голем број синдикати, студентски организации и невладини организации.
Граѓаните продолжуваат со реакциите за нецелосното имплементирање на договорите со поранешните колумбиски Револуционерни вооружени сили (FARC), како и на планираните измени на Владата кога се во прашање платите и пензискиот систем.
По тој повод е одржан и протестен марш, на кој претежно се собраа ученици и студенти.
Маршот до плоштадот „Боливар“ е одржан под опсежни безбедносни мерки. Меѓу присутните имаше и маскирани лица, чиј план беше фрлање камења на полицијата.
Неодамнешниот бран демонстрации во Колумбија започна со генерален штрајк на 21 ноември, кој на улиците собра околу 250.000 лица. Во судирите загинаа петмина, а повредени беа околу 1.000 демонстранти. Протестите продолжија и во текот на наредните денови, но во многу помал обем.
Националниот штрајкувачки одбор на студентските и синдикални организации го повикува Дуке да одржи директни разговори за нивните 13 барања. Дуке се сложи, но сега вели дека тоа би требало да биде дел од поширок национален разговор, кој го води со различни сегменти на општеството. Комитетот не се согласи со тој предлог.