Ekipa
08 Март 2018•Ажурирај: 09 Март 2018
БЕРЛИН (АА) - Досегашниот министер за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, на социјалните мрежи објави дека нема да биде член на новата влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Габриел денес ја извести јавноста дека за таа одлука го информирале челниците на Социјалдемократската партија (SPD), и изрази благодарност што со години ѝ служел на државата и партијата на водечки функции.
„Андреа Налес и Олаф Шолц денес ме информираа дека нема да добијам позиција во новата влада“, напиша Габриел, додавајќи дека ќе остане пратеник во германскиот Парламент.
Со коалицискиот договор со конзервативниот блок на германската канцеларка Ангела Меркел е договорено Социјалдемократската партија да предложи нов министер за надворешни работи.
Габриел, кој беше заменик на германската канцеларка од 2013 година, е еден од најпопуларните германски политичари откако стапи на должноста шеф на дипломатијата во 2017 година. Во периодот од 2009 до 2017 година ја извршуваше функцијата претседател на партијата.
Социјалдемократите минатата недела, по повеќемесечна политичка криза, договорија коалиција со Ангела Меркел, која ќе биде по четврти пат избрана за германска канцеларка.