Ekipa
08 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
АФРИН / АНКАРА (АА) - Во продолжението на операцијата „Маслинова гранка“, Турските вооружени сили и Слободната сириска војска денес од терористите го ослободија центарот на градот Џиндерес, кој од југозападната страна е во близина на центарот на Африн, јавува Anadu Agency (AA).
Репортерот на АА од терен известува дека турската Армија и силите на сириската опозиција вчера го зазедоа стратешки значајниот рид Џиндерес, а по жестоките улични борби денес ја презедоа контролата над центарот на истоимениот град.
На периферијата на градот и понатаму траат оружените судири, а турските сили со беспилотни летала вршат напади врз терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ, кои се обидуваат да избегаат од тоа подрачје кон центарот на Африн.
Вчера, репортерската екипа на АА испрати снимка од воздух на која се гледа како центарот на Џиндерес е пуст, а локалните извори јавуваат дека терористите на ЈПГ/ ПКК локалните цивили претходно присилно ги однеле во центарот на Африн за да им послужат како жив штит за одбрана на најголемото упориште на терористите во тоа погранично сириско подрачје.
Подрачјето на Африн, северозападна Сирија, се граничи со турските области Хатај и Килис. Тој дел од граничната линија во облик на полумесечина целосно е под контрола на Турските сили и Слободната сириска војска.
Подрачјето на Африн го сочинуваат истоимениот град и шест помали градови. Турските сили досега ги ослободија центрите на градовите Раџу, Булбул, Шејх Хадид Шаран и Џиндерес, а во наредниот период се очекува ослободување и на преостанатото гратче Мабатли, со што терористите на ЈПГ/ПКК ќе останат во мал обрач во градското јадро на Африн.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.