Ekipa
25 Март 2024•Ажурирај: 26 Март 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку пет лица загинаа, а најмалку 1.000 куќи се уништени во земјотресот со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала што го потресе северниот дел на Папуа Нова Гвинеја, пренесува Анадолу.
Министерот за одбрана Били Јозеф, кој исто така е одговорен за канцеларијата за природни катастрофи, рече дека му наложил на вршителот на должноста командант на одбраната да ги користи сите средства на одбранбените сили, вклучително и возилата за да им помогне на луѓето погодени од земјотресот, според локалниот дневен весник Национал.
Јозеф нагласи дека Владата сѐ уште го проценува влијанието на земјотресот што предизвика штети во повеќе дела на провинцијата Источен Сепик, каде што живеат над 433.000 луѓе.
„Малите чамци не треба да тргнат на поморски патувања без разлика колку се искусни или итно им е потребно да патуваат“, предупреди тој, повикувајќи ги луѓето да останат смирени и да преземат мерки на претпазливост.
Епицентарот на земјотресот во неделата беше на 23 километри североисточно од градот Амбунти, а сеизмичката активност остана висока во регионот со серија последователни потреси во соседните Индонезија и Соломонски Острови.
Папуа Нова Гвинеја се наоѓа на Пацифичкиот Огнен Прстен, каде што се случуваат повеќето од земјотресите и вулканските активности во светот.
Дваесет и едно лице загина во земјотрес со јачина од 7,6 степени што ја погоди земјата во септември 2022 година.