Esra Tekin
30 Април 2024•Ажурирај: 08 Мај 2024
ТОРИНО (АА) – Министрите за енергетика на Групата седум економски водечки земји (Г7) вчера се договорија нивните земји да ги затворат термоцентралите на јаглен најдоцна до 2035 година, како дел од борбата против климатските промени, известува Анадолу.
„Имаме договор за постепено укинување на јагленот во првата половина на 30-тите години“, изјави Ендрју Боуви, британски министер за енергетска безбедност, за италијанската телевизија Клас ЦНБЦ.
Тој додаде дека ова е историски договор што не успеале да го постигнат на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени 2023 (COP28) во Дубаи.
„Значи, многу е неверојатно што земјите од Г7 се собираат околу масата за да го пратат тој сигнал до светот - дека ние, напредните економии во светот, сме посветени на постепено укинување на јагленот до почетокот на 30-тите години“, рече Боуви.
Италијанскиот министер за енергетика Жилберто Пичето Фратин најави дека министрите што присуствуваат на состанокот во Торино денес ќе го финализираат договорот.
Групата Г7 е име на советодавниот форум на седумте најважни индустријализирани земји во светот. Составен е од премиерите на Соединетите Американски Држави, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија. На состаноците учествуваат и претставници на Европската Унија и Европската комисија.