Ekipa
06 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска се обрати пред ирскиот Парламент и ја обвини Русија дека го има за цел земјоделскиот сектор на Украина и го користи гладот како оружје, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашето ново складиште за гориво беше погодено од Русија“, изјави Зеленски во своето обраќање.
„Тие ги уништуваат работите што им се потребни за егзистенција на луѓето -- складишта за гориво, складишта за храна, земјоделска опрема“, додаде тој.
„Исто така, ги блокираа сите наши поморски пристаништа заедно со бродовите кои имаа земјоделски товар за извоз. Зошто го прават ова? За нив гладот е исто така оружје, оружје против нашиот обичен народ, инструмент на доминација.“
Украина е главен извозник на прехранбени производи како пченица, пченка и сончогледово масло.
Тој рече дека Украина е една од водечките земји за снабдување со храна во светот и дека „повеќе од десетина земји ќе имаат недостиг -- ова е реалноста за милиони луѓе кои се гладни, особено во Северна Африка“.
Шефот на украинската држава рече дека Русија ја поткопува украинската држава, ја уништува нејзината инфраструктура и намерно предизвикува зголемување на цената на храната.
„Ќе има политички турбуленции и насилство, а новите бегалци ќе бараат да си ги спасат животите.“
Зеленски повика на дополнителни санкции против Русија и рече: „Тие сè уште гледаат да го покорат и окупираат целиот украински народ, сакаме да дадеме сè од себе за да бидеме сигурни дека Русија ќе почне да бара мир и ќе нè
остави намира.“
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Досега, според податоците на ОН, во Украина загинале најмалку 1.480 цивили, а 2.195 се повредени, но се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,24 милиони Украинци побегнале во други земји, со уште милиони внатрешно раселени.