Gizem Nisa Çebi
07 Март 2025•Ажурирај: 09 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера одржа состанок со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на кој се фокусираше на чекорите кон „праведен и траен мир“ за Украина, јавува Анадолу.
„Како и секогаш, имав добар состанок со Марк Руте. Разговаравме за вистинските чекори потребни за постигнување праведен и траен мир во Украина“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X.
Двајцата лидери разговараа за тековните напори да се стави крај на војната, при што Зеленски го претстави новиот план чија цел е консолидирање на европското единство во мировниот процес.
За време на разговорите Зеленски го информираше Руте за развојот на сеопфатен план што ќе вклучува обединета европска визија за завршување на војната, како и сигурни, конкретни гаранции за идната стабилност на Украина.
Лидерите, исто така, се осврнаа на тековната потреба за подобрување на капацитетите за воздушна одбрана на Украина во услови на продолжување на војната.
„Благодарен сум им на Марк и на земјите членки на НАТО за нивната поддршка и партнерство во приближувањето на мирот до Украина“, додаде Зеленски, нагласувајќи ја важноста на меѓународната соработка во зајакнувањето на позицијата на Украина.