Firdevs Bulut
01 Март 2020•Ажурирај: 01 Март 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на нерегуларни мигранти кои ја напуштија Турција за да стигнат во Европа достигна 80.888, истакна директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Овој број може да се зголеми во наредните денови“, напиша Алтун во серија објави на Твитер.
Тој нагласи дека Турција се подготвува за бран на нерегуларни мигранти, и упати апел до Европската Унија (ЕУ) и другите земји за споделување на товарот. „Турција е оставена сама во оваа борба“, додава тој.
Алтун вели дека привремената заштита за Сиријците во Турција продолжува. „На никого од нашите браќа и сестри Сиријци не им е кажано да си одат. Ако одлучат да останат, можат да останат.“
„Ние ја модифициравме нашата политика и нема да ги запреме бегалците во напуштањето на Турција. Со оглед на нашите ограничени ресурси, се фокусираме кон евентуален нов бран од Сирија, наместо кон спречувањето на бегалците кои имаат намера да мигрираат во Европа“, напиша Алтун.
Тој додаде дека сообразно со промената на политиката, некои мигранти одлучија да ја напуштат Турција.
„Турција повеќе не може да прифати дополнителен број бегалци од сирискиот регион на Идлиб, но ние се подготвуваме за евентуален бран на нерегуларни мигранти. Европа и другите мора да преземат големи чекори за решавање на овој голем предизвик. Од нас не може да се очекува да го сториме тоа самостојно“, порача Алтун.
Тој потсети дека Турција е домаќин на 3,7 милиони сириски бегалци. „Горди сме што ги трошевме нашите национални ресурси за да им помогнеме на нашите браќа и сестри, благодарение на дарежливоста на турскиот народ.“
Алтун нагласи дека деескалациската зона во Идлиб „има за цел да ги спречи злосторствата и масакрите врз 4-те милиони цивили во оваа област“. Целта на Турција „е да спречи етничко чистење и воени злосторства од страна на режимот на Асад и поголемо раселување“.
Директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство рече дека Турција ги повикала САД и ЕУ за формирање безбедносна зона, но дека сега Турција тоа го прави сама.
„Бидејќи нашите повици беа игнорирани во голема мера и бидејќи нашите сили беа таргетирани на терен, немаме повеќе трпение во однос на недостигот на поддршка. Веќе не можеме да го прифатиме ставот дека мигрантите се само наш проблем“, додаде тој.
Алтун рече дека Турција е отворена за сериозна и голема соработка и ќе го заврши својот дел, но дека и другите мора да го завршат својот дел.
Додаде дека е лицемерно од страна на другите земји да ја критикуваат бегалската политика на Турција, бидејќи земјата згрижува 3,7 милиони бегалци.