Балкан

Западен Балкан - центар на загаденоста на воздухот во Европа

„Законите на Европската Унија (ЕУ), Парискиот климатски договор, Договорот за енергетска заедница и препораките на Светската здравствена организација (СЗО) се почетните позиции за создавање позелен и поздрав Западен Балкан“

Burak Bir, Mustafa Talha Öztürk  | 17.02.2020 - Обновена : 18.02.2020
Западен Балкан - центар на загаденоста на воздухот во Европа

АНКАРА/БЕЛГРАД - БУРАК БИР/МУСТАФА ТАЛХА ОЗТУРК - Западен Балкан стана центар на загадувањето во Европа поради застарените постројки на јаглен, поради автомобилите кои емитираат отровни издувни гасови, како и поради неисправното работење на индустриите, истакнува експерт, пишува Агенција Анадолија (АА).

„Земјите од Западен Балкан како Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија се соочуваат со загадување поради застарените електрани на јаглен, старите, неефикасни постројки што работат под стандардите, поради флотата автомобили на дизел и бензин, како и поради многуте домаќинства кои користат фосилни горива и дрво за огрев“, изјави за Агенција Анадолија (АА) Срѓан Кукољ, советник за здравство и енергетика за регионот на Балканот во Алијансата за здравство и животна средина (HEAL) - европска непрофитна организација, осврнувајќи се на сериозните проблеми со загадувањето на воздухот во регионот.

Загадувањето на воздухот обично потекнува од комбинација на извори.

„Земјите во овој регион немаат силен одговор на загадувањето на воздухот поради недостиг на амбициозни стратегии за чист воздух“, истакнува Кукољ, додавајќи дека загадувањето на воздухот претставува голема закана за јавното здравје, особено за ранливите категории на населението, како што се децата, постарите и болните лица.

Бидејќи постои тесна врска помеѓу климатските промени и загадувањето на воздухот поради тоа што доаѓаат од истите извори, вклучувајќи ги и фосилните горива, производството на енергија и индустриските процеси, тој рече дека регионот доживува огромни здравствени, еколошки и економски последици поради неадекватниот одѕив.

„Од друга страна, човечките загуби и влошувањето на здравјето се најголем предизвик за владите во правец на ублажување на ефектите од климатските промени поради нивната магнитуда“, рече тој.

Осврнувајќи се и на можното најлошо сценарио за Западен Балкан, доколку проблемот не се реши, истакна дека товарот на заболувањата поврзани со загадувањето и трошоците предизвикани од загадувањето на воздухот веќе се преголеми.

За изнаоѓање решение, Кукољ вели дека загадувањето на воздухот од сите извори во регионот треба да се редуцира на најниско можно ниво со цел значително да се намали влијанието врз јавното здравје и животната средина.

„Законите на Европската Унија (ЕУ), Парискиот климатски договор, Договорот за енергетска заедница и препораките на Светската здравствена организација (СЗО) се почетните позиции за создавање позелен и поздрав Западен Балкан“, истакна тој.

Споменувајќи ја важноста за преминување кон користење одржлива и чиста енергија за регионот, Кукољ вели дека преодниот план е неверојатна можност за подобрување на животниот стандард во регионот.

„Декарбонизацијата на нашите општества и на начинот на живот - било да е тоа во сообраќајот, зградите, енергетиката или во системите за храна - е целосно можна и ќе го направи Западен Балкан поздраво, попросперитетно и поодржливо место.“

- Долгорочното влијание многу поопасно -

Ефектите од загадувањето на воздухот може да бидат акутни, но долгорочното влијание на загадувањето е многу поопасно и може да доведе до сериозни заболувања, изјави за АА пулмологот Тања Радосављевиќ.

Таа истакна дека ефектите од загадувањето на воздухот можат да бидат сериозни, особено ако тоа доаѓа во комбинација со магла, бидејќи создава сулфурна и азотна киселина кои предизвикуваат иритација на очите, носот и грлото, и предизвикуваат кашлање.

Радосављевиќ предупредува дека долгорочните ефекти на загадувањето се многу поопасни затоа што составен дел се ПМ-честичките, меѓу кои и честичките ПМ-10 и ПМ-2,5, кои се делови од чад и прашина што содржат и тешки метали.

„Тие стигнуваат до белите дробови и можат да поминат во крвотокот, што во текот на неколку години може да доведе до сериозни заболувања на белите дробови, како што се астма и карцином на белите дробови, најчесто откриени во доцната фаза“, вели таа.

Долгорочните последици од загадувањето на воздухот можат да предизвикаат и срцеви заболувања кои водат до срцев удар, срцева аритмија, срцева слабост и мозочни удари, како и Алцхајмерова болест.

„Ова прашање треба да се реши систематски. Термоцентралите се сериозни загадувачи, и поради тоа треба да се придржуваат кон вклучувањето на филтрите кога е потребно, што за жал не е случај, а потребни се и стратегии на државно ниво за решавање на овој проблем“, додаде таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.