Sinan Doğan
25 Август 2022•Ажурирај: 26 Август 2022
БОГОТА (АА)
- Синан ДОГАН
Историскиот затвор „Ел Буен Пастор“, познат како најголемиот женски затвор во Колумбија, се обидува со социјални проекти затворениците да ги реинтегрира во општеството.
Затвореничките од познатиот женски затвор во главниот град Богота кој е основан во 1893 година под Генералната управа на затворите (INPEC), ги користат можностите за здобивање со професија кои им се нудат со поддршка на државата и приватните иницијативи.
И покрај капацитетот од 1.246 лица, во затворот се сместени вкупно 1.797 жени. Претходно во затворот жените биле малтретирани од стражарите во затворот. Денес затвореничките со нетрпение го очекуваат денот кога ќе си ја вратат слободата благодарение на новите професии што ги стекнале овде.

Организациите поддржани од државата, со социјални проекти почнаа да ги реинтегрираат затвореничките во општеството, обезбедувајќи им различни професии.
Во изјавата за дописникот на Агенција Анадолија (АА), затвореничките истакнаа дека сакаат максимално да ги искористат можностите што им се нудат.
- „Ја сакам мојата работа, сега имам нова професија“
Триесетгодишната Брит Хакоме Оспина, која 12 години е во затвор поради кражба и изнуда, наведувајќи дека веќе четири месеци се обидува да се специјализира за готвење на благи работи, рече: „Порано учествував во проекти за облека и шиење. Сега се посветувам на пекарските работи работејќи повеќе од 15 часа дневно. Имам нова професија, работам со љубов.“
Оспина, наведувајќи дека добива 140.000 колумбиски пезоси (35 американски долари) месечно за работата во пекарницата, рече: „Ваквите проекти за нас се многу важни. На пример, кога бев на проект за шиење, ми изрекоа домашен притвор, а во близина на мојата куќа имаше работилница за шиење облека. Останав таму две години и родив дете. Моето бебе сега има 18 месеци и можам да го гледам секој месец.“
- „И се здобиваме со професија и ни се намалува казната“
Нагласувајќи дека во проектот учествува од пред седум месеци, 49-годишната Маргарита Розо истакна дека во затвор е веќе пет години.
Посочувајќи дека научила различни рецепти во делот за колачи и торти во слаткарницата, Розо додаде: „Ако сме успешни, добиваме сертификат за курсот што го посетуваме. Ако работиме три месеци, казната ни се намалува за 15 дена. Мојот сон е да имам мала слаткарница кога ќе излезам оттука. И се здобиваме со професија и ни се намалува казната.“

Една друга затвореничка по име Нубиа, истакнувајќи дека работела во одделот за леб и тесто во слаткарницата, рече дека здобивањето со нова професија е задоволство кое не се опишува.
Нагласувајќи дека има над 50 години, Нубиа подвлече дека она што го научила тука ќе го сподели со своите деца и внуци откако ќе излезе од затвор.
- „Во претходниот затвор спиев на под поради недостиг на кревети“
Џени Каролина Ачиарди (33), која е осудена за проституција, истакна дека преку проектот за професијата фризерка се обидува да се одржи во живот.
Нагласувајќи дека научиле различни стилови за нега на коса и нокти и потстрижување, Ачиарди подвлече: „Нѐ подготвуваат многу добро за професијата да ја извршуваме подобро, да имаме знаење и да бидеме добри луѓе. Во претходниот затвор долго време спиев на под поради недостиг од кревет. Се приклучив на овој проект овде и ќе започнам сосема нов живот откако ќе излезам од затвор.“
