Muhammet Kurşun
31 Мај 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Мухамад Џевад Зариф, реагираше во однос на изјавите за Иран, истакнати на Советот за соработка во Заливот и на Арапскиот самит, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зариф, кој учествуваше на маршот во Техеран одржан по повод Денот на Ерусалим, даде изјава за државните медиуми на Иран. Тој во изјавата реагираше за делот на извештаите на Советот за соработка во Заливот и на Арапскиот самит, коишто се однесуваат за Иран.
Потсетувајќи дека редовниот 14. Самит на Организацијата за исламска соработка ќе се одржи денес во Мека, Зариф рече: „Земјите кои учествуваат на Арапскиот самит синоќа дадоа изјави против Иран кои го израдуваа Израел. Подобро ќе беше на денешниот состанок на Организацијата за исламска соработка да ги направат чекорите за коишто беше и целта на основањето на Организацијата. Таа цел е да бидат заштитени населението на Ерусалим (Кудс) и палестинскиот народ.“
„Некои лидери на арапските земји мислат дека ќе ги постигнат своите илузии ако застанат до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Нивната цел е да си го обезбедат своето место и да стигнат до своите цели. Но, Нетанјаху, со „Железната купола“ не успеа ниту Израел да го заштити, како може да ги заштити овие земји?“, рече иранскиот министер Зариф.
Во последните извештаи на Советот за соработка во Заливот и на Арапскиот самит, каде што учествуваа 21 лидер на арапските земји, беше упатен повик до Иран „да не го повлекува регионот во војна, да не се меша во внатрешните работи на земјите во регионот, да не ги поддржува терористичките организации и да не му се заканува на меѓународниот поморски транспорт“.
По овие самити, денес во Мека се планира да се одржи 14. Самит на Организацијата за исламска соработка.