Загинаа четири, а десетици се повредени во Кенија на јавна церемонија за простување од поранешниот премиер Раила Одинга
- Властите за медиумите потврдија дека жртвите загинале во паниката што настанала кога толпата ги пробила безбедносните бариери на стадионот Касарани, околу 12 километри североисточно од центарот на Најроби.

НАЈРОБИ (АА) – Четири лица загинаа, а десетици беа повредени вчера во Кенија откако полицијата отвори оган и употреби солзавец за да растера илјадници ожалостени што присуствувале на јавната церемонија за простување од поранешниот премиер Раила Одинга, јавува Анадолу.
Властите за медиумите потврдија дека жртвите загинале во паниката што настанала кога толпата ги пробила безбедносните бариери на стадионот Касарани, околу 12 километри североисточно од центарот на Најроби.
Според сведоците, повеќето жртви биле погодени од куршуми.
Очевидци изјавија дека истрелите од огнено оружје, снимени и за време на официјналниот пренос во живо на Претседателството на Кенија преку американската платформа за социјални медиуми X и Јутјуб, предизвикале хаос и масовно бегство, при што неколку лица биле згмечени од толпата.
Полицијата соопшти дека пукала во воздух во обид да ги контролира насобраните што се обидувале насилно да влезат на главната трибина на стадионот.
Инцидентот се случил додека илјадници граѓани тагувале поради смртта на поранешниот премиер, кој почина во средата во индиската држава Керала по срцев удар при третман во болница.
Претседателот Вилијам Руто го прогласи петок за национален ден на жалост во чест на Одинга, а државниот погреб ќе се одржи во недела во неговиот семеен дом во Бондо, околу 420 километри западно од Најроби.
Поголеми немири имало и на меѓународниот аеродром „Џомо Кенјата“ (JKIA), каде што илјадници ожалостени се собрале да го чекаат пристигнувањето на ковчегот со телото на Одинга.
Многумина се качувале по скалите и влегувале во паркираните авиони, дури и во пилотската кабина за да го видат авионот на „Кенија ервејс“ што ги превезувал посмртните останки.
Управата за аеродроми на Кенија (KAA) привремено ги суспендирала летовите бидејќи толпите ги исполниле пистата и терминалите.
Најголемите автопатишта во земјата биле преполни со ожалостени што мавтале со гранчиња и лисја — симболичен чин на жалост кај заедницата Лу од Западна Кенија, од која потекнува Одинга, што претставува единство и колективна тага.
Полицијата ја засилила патролата во Најроби, а илјадници граѓани и понатаму се собираат на јавни места, палат свеќи и пеат револуционерни песни во чест на долгогодишната борба на Одинга за демократија.