09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Загадувањето на воздухот и понатаму е една од најголемите опасности за здравјето во Европа, а секоја година повеќе од 400.000 предвремени смртни случаи се предизвикани од загадувањето на воздухот во Европската Унија, се наведува во извештајот на Европската агенција за околина (EEA), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Загадувањето од бучава се наоѓа на второ место со 12.000 предизвикани предвремени смртни случаи, проследено со влијанието од климатските промени, особено од горештините, покажа проценката на Агенцијата.
„Нискиот квалитет на животната средина придонесува со 13 отсто или еден од осум смртни случаи“, се вели во извештајот.
Товарот од загадувањето и од климатските промени варира низ цела Европа, со очигледни разлики помеѓу земјите на источниот и западниот дел на континентот.
„Постои јасна врска помеѓу состојбата на животната средина и здравјето на нашето население“, рече Вирџиниус Синкевичиус, европскиот комесар за животна средина, океани и риболов.
„Секој мора да разбере дека грижејќи се за нашата планета, ние не само што спасуваме екосистеми, туку и животи, особено оние кои се најзагрозени.“
Најголем дел од националните смртни случаи, дури 27 проценти, се припишуваат на животната средина во Босна и Херцеговина, а најмалку во Исланд и Норвешка, по 9 проценти, според ЕЕА.
Оттаму предупредуваат дека загадувањето на воздухот и бучавата, ефектите од климатските промени, како што се топлината и изложеноста на опасни хемикалии, предизвикуваат лошо здравје во Европа.
„Додека гледаме подобрувања во животната средина во Европа и јасен фокус во Зелениот пакт за одржлива иднина, извештајот укажува на тоа дека се потребни силни мерки за заштита на најранливите во нашето општество“, рече Ханс Брујнинк, извршен директор на ЕЕА.
ЕЕА истакна дека подобрувањето на здравјето и благосостојбата на европските граѓани е поважно од кога било, во моментов со внимание насочено кон справување со пандемијата на коронавирусот.
„Пандемијата е остар пример за комплексните врски помеѓу животната средина, нашите социјални системи и нашето здравје“, рече Брујнинк.
Тој додаде дека сиромаштијата честопати оди заедно со животот во лоши услови на животната средина и лошо здравје. „Овие врски мора да се решат како дел од интегрираниот пристап кон поинклузивна и одржлива Европа“, рече тој.