Servet Günerigök
09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Министрите за надворешни работи на Групата Г7 ја повикаа Русија да ги пронајде оние што го отруја рускиот опозициски лидер и бараат тие да бидат донесени пред лицето на правдата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние, министрите за надворешни работи на Г7 на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и високиот претставник на Европската Унија, обединети сме во осудувањето, во најсилна можна смисла, на потврденото труење на Алексеј Навални“, се вели во соопштението на групата.
Германија ги информира своите партнери од Г7 дека „Навални е жртва на напад со хемиски нервен агенс од групата „Новичок“, супстанција развиена од Русија.“
Групата рече дека секоја употреба на хемиско оружје е неприфатлива и е во спротивност со меѓународните норми кои забрануваат употреба на такво оружје.
„Ние, министрите за надворешни работи на Г-7, ја повикуваме Русија, итно и целосно да воспостави транспарентност за тоа кој е одговорен за овој грозоморен напад со труење и имајќи ги предвид заложбите на Русија според Конвенцијата за хемиско оружје, да ги изведе сторителите пред лицето на правдата“, се вели во заедничката изјава.
При враќањето од сибирскиот Омск во Москва на 20 август, 44-годишниот Навални, жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин, остана без свест во авионот, а по принудното слетување беше хоспитализиан во Омск, под сомнение за токсично труење со супстанција измешана во неговиот чај.
Навални се наоѓа на интензивна нега во болница во Берлин и е во критична состојба.