Bayram Altuğ
01 Април 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура, соопшти дека петтата рунда на мировни преговори за Сирија е завршена, истакнувајќи дека последните преговори во Женева биле еден вид подготовка за политичка транзиција во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
На последниот ден од петтата рунда преговори во Женева, кои започнаа на 22. март, Де Мистура одржа одвоени состаноци со делегациите на сирискиот режим и опозицијата.
Де Мистура, по состаноците на прес-конференција истакна дека преговорите поминале во позитивна и конструктивна атмосфера.
„И покрај сериозните потешкотии на терен, никој не се повлекол од овие преговори. Во претходната рунда реков дека возот подготвен чека на станицата. Сега можам да кажам дека возот тргна од станицата. Полека, но напредува“, рече Де Мистура.
Тој додаде дека страните се подготвени и за шеста рунда мировни преговори, напоменувајќи дека во периодот на паузата до следните преговори ќе имаат можност подетално да ги разгледаат прашањата на преодната влада, Уставот, изборите и борбата против тероризмот.
Тој истакна и дека подоцна ќе биде донесена одлуката кога ќе се започне со шестата рунда на мировни преговори за Сирија.
Насир ел-Харири, шефот на преговарачкиот тим пред делегацијата на сириската опозиција, за новинарите истакна дека и покрај примирјето, сирискиот режим и понатаму продолжува со оружените напади.
„Од 22 март, кога започнаа мировните преговори, режимот на Асад и нивните соработници на територијата на целата земја усмртија над 150 цивили. Изведоа напади врз болници, пазари и училишта“, рече Ел Харири.
Тој нагласи дека делегацијата на сирискиот режим во текот на деветдневните преговори континуирано одбивала разговори во однос на политичката транзиција, додавајќи дека делегацијата ги потенцирала разговорите за борбата против тероризмот, и притоа истакна дека се пласира „шуплива приказна“.
Да потсетиме, примирјето во Сирија, со посредство на Турција и Русија, беше договорено на 30 декември. Режимските сили продолжија со нападите и злосторствата кон цивилите, а силите на сириската опозиција во изминатите неколку дена почнаа да возвраќаат на нападите на позициите на режимските сили.
На дневниот ред на петтата рунда преговори во Женева беа четири точки, претходно договорени. Во претходната мапа на патот, која ја содржи резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), вклучени се преговорите за формирање на транзициска влада, подготовка на Уставот и организирање на парламентарни избори во Сирија, а минатиот месец е додадена четврта точка која се однесува на преговорите за ефикасна борба против тероризмот.