Ikrame Imane Kouachi
16 Март 2024•Ажурирај: 19 Март 2024
ГРАДОТ ГАЗА (АА) – Истоварувањето на хуманитарната помош од бродот што вчера пристигна на брегот на опколениот Појас Газа заврши денес, јавува Анадолу.
„Мали чамци почнаа да ја растовараат помошта од бродот вчера и да ја пренесуваат до брегот на градот Газа“, изјавија очевидци за Анадолу.
„Операциите на истовар беа завршени утрово“, додадоа тие.
Брод на организацијата OpenArms влечеше карго-пловило со 200 тони храна донирана од хуманитарната организација World Central Kitchen со седиште во САД.
Бродот тргна од пристаништето Ларнака на администрацијата на кипарските Грци и пристигна на брегот на Газа вчера.
Мисијата за помош, наречена Операција Сафина, има за цел да отвори поморски коридор за достава на помош предложен од администрацијата на кипарските Грци, а поддржан од Велика Британија, САД и ЕУ.
Израел започна смртоносна офанзива врз Газа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври 2023 година. Оттогаш во израелските напади загинаа речиси 31.500 Палестинци, предизвикано е масовно уништување и раселување на населението, а енклавата е доведена на работ на глад.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремена одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање на хуманитарната помош за цивилите во Газа.
САД одделно најавија изградба на привремено пристаниште на брегот на Газа за да се овозможи испорака на хуманитарна помош во поголем обем.