Ekipa
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
АНКАРА (АА) - Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, доскорешната Астана, завршија разговорите одржани во рамките на 13. рунда сириски мировни преговори кои се водат под гаранција на Турција, Русија и Иран. Страните донесоа одлука да преземат конкретни мерки за заштита на цивилното население и безбедноста на воениот персонал сместен во и надвор од деескалационата зона во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан, Роман Василенко, ја прочита конечната изјава по состанокот на кој присуствуваа претставници на Турција, Русија, Иран, режимот и сириската опозиција.
Страните во изјавата ја истакнаа својата определеност за почитување на територијалниот интегритет, независност и суверенитет на Сирија, како и одлучност за борба против ДЕАШ, Фронтот Нусра и припадниците на другите терористички организации на листата на Советот за безбедност на ОН.
Нагласено е дека страните кои ја негираат окупацијата на Голанската Висорамнина, треба да ги почитуваат сите меѓународни одлуки, вклучувајќи ја и резолуцијата 497 на Советот за безбедност при ОН.
Во изјавата се споменува и ситуацијата во североисточниот дел на Сирија, а нагласено е дека безбедноста и сигурноста во тој регион може да се постигне само со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Нагласено е и дека ќе биде покажан заеднички став кога станува збор за сепаратистичките активности, кои имаат за цел да ја нарушат сигурноста на соседните земји. Истакнато е дека воено решение во Сирија е невозможно, и дека страните остануваат посветени на процесот на транзиција под водство на ОН.
Се додава дека за народот во Сирија, без никакви предуслови, неопходна е достава на хуманитарна помош и упатен е повик до меѓународната заедница да ја зголеми хуманитарната помош за Сирија.
„Земјите гаранти детално разговараа и за ситуацијата во зоната на деескалација на судирите во Идлиб. Нагласено е дека е потребно на терен да се воспостави мир, на начин со почитување на сите договори, првенствено договорот од 17 септември 2018 година“, се наведува во изјавата.
Искажано е жалење поради настраданите цивили.
„Во рамките на постоечките рамки и меѓународното право одлучено е преземање конкретни мерки за заштита на цивилното население и осигурување на безбедноста на воениот персонал сместен во и надвор од деескалационата зона во Идлиб“, истакнаа страните.
Тие потсетија дека претставниците на земјите гаранти, Турција, Русија и Иран, одржале детални состаноци со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен.
Претставниците на земјите гаранти изразија задоволство поради спроведувањето кон крај на активностите околу формирањето на Уставниот комитет и останатите процедури, и искажаа подготвеност што поскоро да се одржи состанок на Комитетот.