Elena Teslova
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
МОСКВА (АА) - Русија денес објави дека ќе стави крај на Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел (INF) со САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој потег дојде неколку часа откако САД официјално се повлекоа од договорот, предизвикувајќи стравувања за почеток на потенцијалната трка во вооружување.
„На 2 август 2019 година, на иницијатива на американската страна прекинат е Договорот меѓу Унијата на Советските Социјалистички Републики и Соединетите Американски Држави за елиминација на нивните ракети со среден и краток дострел, потпишан во Вашингтон на 8 декември 1987 година“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Договорот за ИНФ се смета за камен-темелник на европската безбедност во ерата по Студената војна, откако САД и Русија го потпишаа во 1987 година. Тој им забранува на обете земји да поседуваат и тестираат проектили за лансирање на копно со опсег помеѓу 300-3.100 милји.
Во октомври 2018 година, американскиот претседател, Доналд Трамп, објави излегување од договорот, обвинувајќи ја Москва дека го прекршува.
Во февруари, САД го започнаа процесот на повлекување од Договорот за ИНФ, кој треба да заврши за шест месеци.
Како одговор на тоа, рускиот претседател, Владимир Путин, на 3 јули потпиша предлог-закон за суспендирање на обврските на Москва според Договорот на ИНФ.