Ömer Faruk Yıldız
10 Јуни 2021•Ажурирај: 11 Јуни 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Против соборената шефица на дипломатија и де факто политичка лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чу, поднесено е ново обвинение за корупција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста во „Глобал њу лајт оф Мјанмар“ (Global New Light of Myanmar), еден од медиумските органи на Армијата на Мјанмар, се наведува дека Антикорупциската комисија ги испитала обвинувањата за корупција против Су Чу и за уште тројца приведени официјални лица.
Истрагите на Комисијата потврдија дека Су Чу примила мито и злато од 600.000 американски долари од поранешниот лидер на државата Јангон.
Су Чу, според Комисијата, исто така ги искористила своите овластувања за да земјиштето во областа Бахан во Јангон го даде на употреба на позната фондација.
Меѓу другото се наведува дека Су Чу и нејзините придружни службеници Комисијата ги прогласи за виновни за кршење на членот 55 од Законот за борба против корупцијата.
Од страна на Комисијата поднесено е барање до полициската станица во главниот град Непидо за отворање случај на корупција.
Су Чу ќе се соочи со затворска казна од 15 години доколку се прифати обвинението за корупција поднесено против неа.
Поранешната де факто лидерка на Мјанмар и министерка за надворешни работи, Су Чу, која беше приведена на 1 февруари, на претходните рочишта беше обвинета за кршење на законите за увоз и извоз на земјата, за непочитување на националните закони за управување со катастрофи, за прекршување на Законот за државни тајни и за примање мито.
-Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.