Emel Öz Gözellik
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
СЕУЛ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и Северна Кореја би можеле за две или три недели да ги продолжат разговорите за отстранување на севернокорејските нуклеарни и ракетни постројки, соопштија јужнокорејски официјални претставници, пренесува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на Националната разузнавачка служба (NIS) на Јужна Кореја, пратеникот Ким Мин Ки изјави дека очекува оти работните состаноци ќе бидат одржани за две до три недели.
Според неговите зборови, оваа година би можел да биде одржан и самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, и севернокорејскиот челник Ким Џонг Ун, но доколку се постигне напредок на можните работни состаноци на двете земји.
Процесот на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров е запрен по неуспешните преговори на Вашингон и Пјонгјанг минатиот февруари, кога американскиот претседател Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, го напуштија нивниот втор самит без постигнување каков било конкретен договор.
Фалејќи ги односите меѓу Ким и Трамп, Пјонгјанг бараше американскиот државен секретар, Мајк Помпео, повеќе да не учествува во нуклеарните преговори меѓу двете страни.
Шефицата на дипломатијата на Јужна Кореја, Канг, претходно оваа година ги повика двете страни да постигнат договор што ги доведува до потполна денуклеаризација, како и до подобри односи меѓу САД и Северна Кореја.
Северна Кореја се соочува со сериозни меѓународни санкции од 2006 година, кога прв пат го тестираше својот нуклеарен арсенал.
Ким и Трамп од 2018 година се состанаа три пати, последен пат во јуни оваа година.