Adham Kako
13 Јуни 2018•Ажурирај: 14 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека 1.109 цивили го загубија својот живот во нападите извршени за една година во зоната без судири во Идлиб од страна на Башар ал Асад и Русија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сириската мрежа објави извештај околу нападите на Асадовиот режим и неговиот поддржувач, Русија, во Идлиб, каде што во мај 2017 година беше прогласена зона без судири.
Според овој извештај, во нападите на режимот и Русија извршени во периодот од мај 2017 до мај 2018 година животот го загубија вкупно 1.109 лица, од кои 255 деца и 209 жени.
Се вели дека од септември 2017 година режимот и силите на Иран, со воздушна поддршка на Русија ги интензивираа нападите врз цивилните населени места во Идлиб.
Од Сириската мрежа за човекови права (SNHR) велат дека во овој период, режимот и руските сили извршија напад врз 233 центри, меѓу кои училишта, пазари и здравствени установи.
Коалицијата на Русија и Асад, дел од овие напади ги извршија со забрането оружје, од кои 752 напади се извршени со барелни бомби, еден напад со хемиско оружје, 19 напади со касетни бомби, но извршени се напади и со друго забрането оружје.
Во извештајот се упатува апел до режимот и неговите поддржувачи да ги запрат нападите чија цел се цивилите, и одговорните да бидат процесуирани пред меѓународните судови.