Aişe Hümeyra Bulovalı
26 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ
Жири-комисијата на меѓународниот натпревар во фотографии „Istanbul Photo Awards 2020“, кој е организиран од страна на Агенција Анадолија (АА) шести пат по ред оваа година, ги определи победничките фотографии на натпреварот.
Тимот за Информатички технологии на Агенција Анадолија (АА) подготви онлајн платформа за оценување. Жири-комисијата која ги оценуваше фотографиите на оваа платформа, ги определи фотографиите победници по состанокот кој траеше околу два часа.
Жирито на натпреварот се состои од истакнати меѓународни лица од областа на фотографијата.
Членови на жирито на овогодишниот „Istanbul Photo Awards“ се Јури Козјрев, фоторепортер и член на агенцијата НООР (NOOR); Мерион Мертенс, уредничка за дигитални медиуми на неделникот „Париз мач“ (Paris Match); Мишел Ското, директор за дистрибуција на фотографии и деловен развој во Агенцијата „Франс прес“ (AFP); Дебора Копакен, американскa фоторепортерка и авторка; Жорж де Керле, фоторепортер и консултант за визуелни медиуми; Камерон Спенсер, главен фоторепортер на „Гети имиџис“ (Getty Images) од полето на спортот; Ахмет Сел, истакнат фоторепортер на Агенција Анадолија (АА); Хасан Ојмез, главен уредник на Одделот за визуелни вести на Агенција Анадолија (АА) и Фират Јурдакул, уредник на фотографија во Агенција Анадолија (АА).
Фотографиите победници се избрани од над 10.000 фотографии во четири категории испратени од фотографите од над 100 земји.
Победниците ќе бидат објавени на 30 јуни, додека фотографиите победници ќе бидат објавени на интернет-страницата „www.istanbulphotoawards.com“.
Членовите на жири-комисијата се приспособија на условите предизвикани од пандемијата и го изразија своето мислење околу чекорите направени во насока на спроведувањето на натпреварот.
Мишел Ското упати благодарност што организацијата била спроведена без проблеми како и секоја година, иако оваа година била спроведена под различни услови.
Камерон Спенсер рече дека оваа платформа била добро организирана и добро менаџирана.
Пријавувањето за овој натпревар чиј спонзор беше „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), беше спроведено од 1 ноември 2019 година до 15 февруари 2020 година.