Hasan Esen
07 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
МАДРИД (АА) - Утре жените во Шпанија, по повод Меѓународниот ден на жената, ќе стапат во генерален штрајк, како на работните места, така и во домовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Собрани во таканаречената Осмомартовска комисија, шпанските феминистки најавија масовни протести на улиците низ целата земја на кои Шпанките ќе го кренат својот глас против насилството, злоупотребата, нееднаквоста и сите видови дискриминација со кои се соочува понежниот пол во светот.
Во соопштението се наведува дека секојдневно расте бројот на жени кои се жртви на сексуално насилство, и дека положбата на жената во општеството е сè полоша.
Се укажува и на особено тешката ситуација во која се наоѓаат жените бегалци кои се плашат да го пријават насилството што го доживуваат поради страв од депортација.
Шпанските активистки за правата на жените, исто така, укажуваат дека жените во просек заработуваат 23 проценти помалку од мажите и оти речиси сите раководни позиции во државата се резервирани за мажи.
Осмомартовската комисија ги повика вработените Шпанки утре да штрајкуваат и да не одат на работа, а упатен е и повик до домаќинките низ Шпанија, исто така да штрајкуваат и да одбијат да ги извршуваат домашните работи.
„Ги повикуваме сите жени утре да не ги носат децата на училиште, да не перат алишта, да не пеглаат, да не готват, да не ги чуваат внучињаа, да не чистат дома, туку да се приклучат кон штрајкот на жените“, се вели во соопштението на Осмомартовската комисија.
Комисијата, исто така, ги повика Шпанките утре да не трошат пари, освен за основните потреби, а и тоа да не го прават во продавници каде што жените се во подредена положба.
Комисијата ги повика на штрајк и студентките, и им порача утре да не присуствуваат на предавања, испити или на кои било други обврски.
Осмомартовскиот штрајк на жените во Шпанија е организиран под мотото „Светот би застанал ако ние застанеме“, а го поддржаа и две градоначалнички односно градоначалничката на Мадрид, Мануела Кармена, и на Барселона, Ада Колау.
Двата најголеми работнички синдикати во Шпанија, исто така, го поддржаа штрајкот на жените и ги повикаа сите вработени да прекинат со работата во периодот од 11.30 до 13.30 и од 16.00 до 18.00 часот.
Во Мадрид, Барселона, Валенсија и Севиља се најавени масовни мирни маршови на жените.