Ömer Tuğrul Çam
08 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската унија (ЕУ) се подготвува да ги разгледа апликациите на Украина, Молдавија и Грузија, кои сакаат да станат членки на Унијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите што ги објави Франција, која претседава со ЕУ, амбасадорите на земјите-членки синоќа постигнале договор, Комисијата на ЕУ да даде мислење за апликациите на трите земји.
Со тоа, направен е првиот чекор од техничкиот процес на апликацијата за членство.
Земјите од ЕУ можат да номинираат кандидати со донесување одлуки на највисоко политичко ниво. За ова е потребно одобрение од сите земји на ЕУ.
Меѓутоа, во последните години познато е дека некои земји од ЕУ не гледаат позитивно на проширувањето. Поради оваа причина, се наведува дека Комисијата на ЕУ на трите земји може да им предложи „привилегирано партнерство“.
Дури и ако е номинирана, земја која аплицира во процесот на ЕУ, мора да ги исполни критериумите на ЕУ во однос на економијата и политиката. Може да поминат многу години за да се исполнат овие критериуми пред пристапувањето.
Украина, Молдавија и Грузија ги поднесоа своите барања за членство во ЕУ минатата недела во екот на рускиот напад врз Украина.
За апликациите на трите земји се очекува да разговараат лидерите на земјите-членки, кои ќе се сретнат во Версајската палата од 10 до 11 март, чиј домаќин е Франција, претседавачот со ЕУ.