Faruk Zorlu
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
АНКАРА (АА) – Европската Унија ќе потпише договор за набавка на 110.000 дози вакцини за борба против тековната појава на мајмунски сипаници, изјави висок претставник на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денес ќе склучиме договор за речиси 110.000 дози вакцина против мајмунски сипаници. Финансирани од EU4Health, тие ќе бидат брзо достапни за земјите членки на кои им се најпотребни“, напиша на Твитер европската комесарка за здравје и безбедност на храна, Стела Киријакидес.
Говорејќи на маргините на состанокот на министрите за здравство на ЕУ во Луксембург, Киријакидес рече дека испораките ќе започнат до крајот на јуни.
Додека вакцините против Ковид-19 беа набавени од Европската комисија, но платени поединечно од земјите на ЕУ, вакцините против мајмунски сипаници првично ќе бидат финансирани од заедничкиот буџет на ЕУ.
„Ова е првпат да користиме средства од ЕУ за да купиме вакцини кои потоа можеме да ги дистрибуираме до земјите членки“, рече комесарот. „Ова покажува што можеме (да направиме) кога работиме заедно и моќта да ги имаме структурите за да можеме веднаш да одговориме на криза каква што ја имаме сега.“
Таа рече дека ЕУ во моментов има 900 случаи на ретката зоонозна болест, со скоро 1.400 случаи низ светот.
Сегашната епидемија беше откриена на почетокот на мај, а во 28 земји се потврдени случаи, според најновото ажурирање на Светската здравствена организација.