БРИСЕЛ (АА) - Администрацијата на Европската Унија (ЕУ) истакна дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина против Русија и да воведуваат санкции, но не даде позитивен сигнал за апликацијата на Украина за кандидатура за ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот парламент одржа вонредна седница поради руско-украинската војна.
По претседателот на Украина, Владимир Зеленски, кој присуствуваше на седницата преку видеолинк, на говорницата излезе и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Истакнувајќи дека ја примиле апликацијата на Зеленски во која се бара Украина да биде признаена како земја кандидат за ЕУ, Мишел рече: „Како ЕУ мораме да дејствуваме во согласност со времето. Ќе биде тешко.“
„Знаеме дека во Европа има различни ставови за членството на Украина во ЕУ“, нагласи Мишел.
Објаснувајќи дека најпрвин Европската комисија треба да го даде своето мислење за кандидатурата на Украина, а потоа прашањето ќе дојде кај Советот, Мишел рече: „Советот ќе мора сериозно да го разгледа симболичното, политичкото и легитимното барање.“
Мишел исто така истакна дека решително и јасно ќе го направат соодветниот избор кога ова прашање ќе дојде на маса.
Посочувајќи дека Европа треба да ја поддржи Украина, Мишел рече дека Русија ја нападнала не само Украина туку и демократијата, меѓународното право и човековите права.
„Русија, повлечи се, врати се дома и да разговараме“, додаде Мишел.
Потсетувајќи дека се воведени различни економски санкции кон Русија, Мишел нагласи: „Овие санкции ќе нè чинат и нас. Ние треба да го платиме овој трошок.“
- „Европа ќе застане покрај Украинците“ -
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, истакнувајќи дека по повеќе години војната е вратена во Европа, рече дека илјадници луѓе избегале од бомбите и дека многу луѓе, вклучително и деца, ги загубиле животите за неколку дена.
„Путин одлучи дека Украина нема да постои. Ние никогаш нема да го прифатиме тоа“, нагласи Фон дер Лајен, додавајќи дека рускиот напад врз Украина е насочен кон слободите и дека тоа е „конфликт меѓу автократијата и демократијата“.
Фон дер Лајен, наведувајќи дека Европејците ги отвориле своите домови за Украинците, рече: „Европа ќе биде со Украинците во наредните недели и месеци.“
Потсетувајќи дека понудиле да се активира привремениот механизам за заштита на Украинците кои се засолниле во земјите на ЕУ, Фон дер Лајен истакна: „Мораме да го сториме тоа веднаш.“
Фон дер Лајен, потсетувајќи дека ги спровеле најтешките санкции во историјата на ЕУ против Русија, подвлече: „Мораме да го спречиме Путин да ја финансира војната.“
- Порака до Европејците: „И нас ќе нè чинат санкциите“ -
Нагласувајќи дека ќе продолжат да обезбедуваат воена, хуманитарна и финансиска помош за Украина, Фон дер Лајен додаде дека санкциите ќе имаат цена и за европската економија, но дека мора да се соочат со тоа.
„На Европејците сакам да им кажам искрено. Две години се бориме со епидемијата и сите сакавме да се фокусираме на нашето економско закрепнување. Но, верувам дека европскиот народ разбира дека мора да се спротивставиме на овој брутален напад. Ќе има цена што треба да ја платиме за заштита на нашата слобода. Ова е одлучувачки период и ние сме подготвени да ја платиме таа цена. Затоа што слободата е скапа. Таа е непроценлива. Нашите денешни инвестиции ќе нè направат понезависни во иднина. Како прво мислам за нашата енергетска независност. Не можеме да бидеме толку зависни од добавувач кој толку многу ни се заканува“, нагласи Фон дер Лајен.
- Борел: „Го изненадивме светот и Путин со нашиот капацитет“ -
Високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел, истакна дека по последната криза ЕУ треба да ја зголеми својата работа на безбедносните прашања.
„Мораме да го зголемиме нашиот капацитет за да спречиме војна“, рече Борел, додавајќи дека откако Русија почнала со нападите врз Украина, ЕУ дејствувала многу силно и брзо и дека никој не го очекувал тоа.
„Путин не ја очекуваше нашата реакција што ја дадовме во последните денови. На Путин му кажавме дека нема да направиме отстапки од нашите слободи“, рече Борел.
Потсетувајќи дека ЕУ одвоила буџет од 500 милиони евра за воена помош за Украина во рок од 24 часа, Борел истакна дека со тоа се скршило табуто дека „ЕУ не може да носи брзи одлуки“.
Тој рече дека ЕУ има сериозен капацитет и дека ќе го искористи: „Беше речено дека ЕУ е мировна унија и дека не може да испорачува оружје на друга земја. Да, можеме.“
„Го изненадивме светот и Путин со нашиот капацитет. Мораме да продолжиме по овој пат“, додаде Борел.
- „Украина денес ја брани границата на цивилизираниот свет“ -
На вонредната седница во Европскиот парламент говор преку видеолинк имаше и претседателот на украинскиот Парламент, Руслан Стефанчук.
„Украина денес ја брани границата на цивилизираниот свет“, рече Стефанчук и додаде дека Русија го нападнала територијалниот интегритет и независноста на Украина.
„Ние сме на крстопат. Европа се бори против агресорот. Многу е важно сите цивилизации заедно да се соочат со овој тест“, додаде тој.
Меѓу другото, Стефанчук изјави дека никој не знае каде ќе запре руската агресија доколку Украина падне.
Укажувајќи дека Европа треба да размислува стратешки и да ја поддржи Украина, Стефанчук повика Украина да добие статус на земја кандидат.