Beyza Binnur Dönmez
30 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Европската комисија ќе работи со Меѓународниот кривичен суд (МКС) „за да помогне во формирањето на специјализиран суд за процесуирање на руските злосторства“, изјави денеска претседателката на извршното тело на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Русија мора да плати за своите ужасни злосторства, и за нејзиното злосторство - агресијата врз суверена држава. И затоа, додека продолжуваме да го поддржуваме Меѓународниот кривичен суд, предлагаме да се формира специјализиран суд, поддржан од Обединетите нации, за истрага и гонење на руското злосторство агресија“, рече Фон дер Лајен во видеопораката што ја сподели на Твитер.
„Русија мора да ја плати и финансиски цената за уништувањето што го предизвикува“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека штетата што ја претрпела Украина се проценува на 600 милијарди евра.
„Русија и нејзините олигарси треба да ја надоместат штетата на Украина и да ги покријат трошоците за обнова на земјата“, додаде таа.
Фон дер Лајен рече дека Блокот веќе блокирал 300 милијарди евра од резервите на Руската централна банка и замрзнал 19 милијарди евра пари на руските олигарси.
„Краткорочно, со нашите партнери би можеле да создадеме структура за управување со овие средства и нивно инвестирање“, рече таа, додавајќи дека откако ќе бидат укинати санкциите против Русија, овие средства треба да се искористат како целосна компензација за Украина.
„Ќе работиме на меѓународен договор со нашите партнери за да го овозможиме тоа“, рече таа.