Ömer Tuğrul Çam
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) повика на намалување на тензиите во регионот откако Србите од северниот дел на Косово, незадоволни од воспоставувањето реципроцитет на регистарските таблички, под блокада ги држат патиштата кои водат до двата гранични премини, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во изјава за ситуацијата во северниот дел на Косово наведе дека ЕУ повикува на итна деескалација на тензиите во регионот.
Борел, кој предупреди да се избегнат провокации и еднострани потези во регионот, побара од администрацијата во Белград и Приштина да работат на спречување на ескалација на тензиите и да воспостават мирна средина во рамките на процесот за дијалог кој се води со помош на ЕУ.
Наведе дека во интерес на сите е да се обезбеди слобода на патување што ќе го подобри секојдневниот живот на луѓето.
Српските граѓани од северниот дел на Косово во понеделникот со камиони ги блокираа патиштата кои водат до премините Јариње и Брњак, поради одлуката на Владата на Косово по престанувањето на важноста на договорот од Брисел да започне со издавање привремени таблички за возилата со таблички од Србија и да ги одзема КС-табличките кои веќе не се валидни, како и таблиците од градовите во Косово кои ги издава Министерството за внатрешни работи на Србија.