Yusuf Hatip
14 Јуни 2019•Ажурирај: 17 Јуни 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ), во врска со нападите на танкерите во Оманскиот Залив, повика на избегнување провокации во регионот, наведувајќи дека на регионот не му треба повеќе нестабилност и напнатост, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), Маја Коцијанчиќ, на дневниот брифинг со новинарите рече: „На регионот не му треба повеќе нестабилност и напнатост. Треба да се избегнуваат провокациите во регионот. Затоа повикуваме на максимална воздржаност“.
„Собираме повеќе информации во врска со темата и ја оценуваме состојбата“, нагласи Коцијанчиќ.
Вчера во Оманскиот Залив имаше експлозии во два големи танкери за нафта. Екипажот од 44 лица во овие танкери бил евакуиран и пренесен на пристаништето „Џаск“ во иранската покраина Хурмузган.
Јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Хирошиге Секо, објави дека два танкери за нафта, кои носат товар во Јапонија, биле нападнати во близина на Ормудскиот Теснец. Еден од танкерите бил од Јапонија, а другиот од Норвешка.
Двата танкери за нафта, кои пренесувале сурова нафта во Јапонија, се нападнати за време на средбата помеѓу иранскиот лидер, Хаманеј, и јапонскиот премиер, Шинзо Абе. Јапонскиот премиер, Абе, го посети Техеран за да ги намали тензиите меѓу Иран и САД и да обезбеди стабилност на Блискиот Исток.
Портпаролот на иранската Влада, Али Реби, во изјавата, изразувајќи ја загриженоста во врска со нападот врз танкерите, ги предупреди земјите од регионот да не влегуваат во играта на земјите што ја користат нестабилноста во областа.
„Кога ќе ги погледнеме разузнавачките информации што ги имаме, користеното оружје при нападот и професионалноста, гледаме дека одговорен е Иран“, нагласи американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
Командата на Централните сили на САД (ЦЕНКОМ), исто така, објави снимки од брод за патрола на Иранската револуционерна гарда, тврдејќи дека собрал неексплодирани мини од еден од танкерите нападнати во Оманскиот Залив.