ЕУ остро го осуди смртоносниот напад врз црква во Сирија
- Европската Унија денес остро го осуди „терористичкиот напад“ врз црквата „Свети Илија“ во источниот дел на Дамаск, изразувајќи поддршка за сирискиот народ

БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија денес остро го осуди „терористичкиот напад“ врз црквата „Свети Илија“ во источниот дел на Дамаск, изразувајќи поддршка за сирискиот народ, јавува Анадолу.
Според Министерството за здравство на Сирија, самоубиствен напаѓач од терористичката организација ДЕАШ вчера отворил оган во црквата, по што се разнел. Загинаа најмалку 20 лица, а 52 се повредени.
Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во соопштение оцени дека нападот претставува „сериозен потсетник за потребата од интензивирање на напорите за борба против терористичката закана и за трајно поразување на ДЕАШ и други терористички организации.“
ЕУ ја потврди својата поддршка за сирискиот народ во овој критичен период за земјата и изрази солидарност со сите Сиријци, поддржувајќи ги напорите на привремените власти за обезбедување национална безбедност.
Инцидентот се случи само неколку недели откако сириското Министерство за внатрешни работи на 26 мај соопшти дека открило ќелии на ДЕАШ во руралното подрачје околу Дамаск. Во акцијата, властите заплениле оружје лесно и средно по големина.
По падот на режимот на Башар ал-Асад, безбедносните служби на Сирија продолжуваат да ги следат лицата осомничени за учество во злосторства, прекршувања на човековите права и терористички активности.
Асад, кој владееше со Сирија речиси 25 години, во декември избега во Русија, со што заврши децениската власт на партијата Бас уште од 1963 година.