Ömer Tuğrul Çam
19 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) во блиска иднина нема да ги воведе санкциите што сака да ги примени за Белорусија поради нефер избори и притисок врз опозицијата, поради условувањата на грчкиот дел на Кипар кој бара наметнување санкции врз Турција поради Источниот Медитеран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
ЕУ за кратко време по изборите соопшти дека не ги признава претседателските избори одржани во Белорусија на 9 август и ја отфрли одлуката дека Александар Лукашенко победил на изборите.
Наведувајќи дека белоруската администрација извршила притисок врз опозицијата и употребува насилство врз антивладините демонстранти, претставниците на ЕУ многу пати по изборите соопштија дека сакаат да воведат санкции за Белорусија.
Ова прашање ќе дојде на дневен ред на состанокот на Советот за надворешни работи на 21 септември, каде што ќе се состанат министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ.
Бидејќи министрите за надворешни работи не можат да ја донесат оваа одлука поради грчкиот дел на Кипар, ова прашање се очекува да биде пренесено на Самитот на лидерите на ЕУ, што ќе се одржи на 24-25 септември.
Се наведува дека многу членки на ЕУ се наклонети кон спроведување санкции за Белорусија и дека досега на оваа листа се додадени околу 40 лица од високото раководство на земјата.
Особено земјите како што се Летонија, Естонија и Полска вршат притисок за да се воведат санкции врз Белорусија.
Сепак, иако помина повеќе од еден месец од изборите во Белорусија, ЕУ не беше во можност да ја спроведе својата одлука за санкции.
Причината за ова, како што се наведува, е заканата за вето од страна на кипарските Грци. Тие бараат спроведување на ограничувачки мерки за Турција поради источниот дел на Медитеранот.
Најмалку населената членка на ЕУ, грчкиот дел на Кипар, ги условува санкциите кон Белорусија со санкции врз Турција. Во последниот период во западните медиуми се истакнува дека грчкиот дел на Кипар се заканувал со тоа дека „ако не се спроведат санкции за Турција, ќе ги блокира санкциите кон Белорусија“.
Откако бродот „Оруч Реис“ се врати во пристаништето во Анталија, Грција попозитивно гледа на воспоставувањето на дијалогот, но грчкиот дел на Кипар не се откажува од инсистирањето на санкции кон Турција.