Ekipa
17 Септември 2021•Ажурирај: 18 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Извршниот потпретседател на Европската комисија за европскиот зелен план, Франс Тимерманс и турскиот министер за животна средина и урбанизација, Мурат Курум, вчера го одржаа првиот дијалог на високо ниво за климатските промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалните претставници разговараа за неопходните чекори за борба против катастрофалните ефекти од климатските промени и за значително намалување на емисиите до 2050 година.
„Европската Унија и Турција мора тесно да соработуваат. Имаме многу заеднички работи што можеме да ги решиме“, рече Тимерманс по средбата со министерот Курум.
Курум ја нарече климатската криза „предизвик што ниту една земја не може сама да го надмине“ и објасни дека Анкара е посветена да стори сѐ за да ги ублажи ефектите од климатските промени.
Тој, исто така, нагласи дека турската Влада се согласува со целите за нулта емисија на гасови и неутралност на јаглеродот од Договорот од Париз, и објасни дека започнале разговори за поддршката што ЕУ може да ја обезбеди за Турција за постигнување на овие цели.
Тимерманс по дијалогот вети дека ќе работат заеднички за да се соочат со оваа егзистенцијална криза, а тоа е климатската криза и кризата со биодиверзитетот.
Тој, исто така, објасни дека тие ќе се фокусираат на тоа да им покажат на своите граѓани дека „решавањето на климатската криза не е само потребно, туку е и можно“.
Разговорите ќе продолжат на техничко ниво во наредните месеци. Еврокомесарот ќе ја посети Анкара во јануари.