Ata Ufuk Şeker
23 Јуни 2017•Ажурирај: 24 Јуни 2017
БРИСЕЛ (АА) - Челниците на Европската Унија (ЕУ) вчера, на самитот во Брисел постигнаа договор за продолжување на економските санкции кон Русија за уште шест месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, преку „Twiter“ потврди дека челниците на земјите-членки се усогласиле санкциите кон Москва да бидат продолжени поради тоа што не ги применува одредбите од Договорот од Минск.
„Договорено е. Санкциите кон Русија се продолжуваат поради неприменување на Минскиот договор“, напиша Туск на „Twiter“.
Инаку, санкциите се однесуваат на руските банки, одбранбениот и енергетскиот сектор.
Санкциите кон Москва се воведени на 31 јули 2014 година, поради руската улога во судирот во Украина.
Три месеци подоцна, во септември 2014 година тие беа дополнително зголемени. Во март 2015 година санкциите беа продолжени, а како услов за нивното укинување е поставено почитувањето на Договорот од Минск. Поради тоа што договорот за примирјето во Украина не е во потполност спроведен, санкциите оттогаш се продолжуваат на секои шест месеци.