Şerife Çetin
24 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) одобри 230 милиони евра за помош при борбата против ширењето на опасниот коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комесарот на Европската Унија за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ, и комесарката за здравство и безбедност на храна, Стела Киријакидес, одржаа прес-конференција на која новинарите во Брисел ги информираа за ширењето на коронавирусот во светот.
Ленарчиќ изјави дека случаи на заразување со коронавирусот се потврдени во 29 земји и дека станува збор за вирус од чии последици починале речиси 2.600 заразени лица.
Тој изјави дека сега на сите им е јасно колку правилен бил апелот што ЕУ минатата недела го упати до членките, за преземање мерки против ширењето на тој вирус.
„Членките на ЕУ треба да дејствуваат координирано и единствено. Нема повеќе сомнеж во тоа дека Ковид-19 претставува глобален проблем. Целиот свет мора да соработува“, изјави Ленарчиќ.
Истакнувајќи дека властите на Италија брзо реагирале по појавата на коронавирусот во земјата, Ленарчиќ изјави дека Италија има сигурна инфраструктура и има искуство на тоа поле.
„ЕУ го одобри пакетот со помош за борбата против ширењето на коронавирусот во износ од 230 милиони евра“, изјави Ленарчиќ и додаде дека дел од средствата ќе бидат проследени на Светската здравствена организација (СЗО), а дел за истражувањата што ги спроведуваат членките.
На прашањето дали повторно ќе бидат воспоставени граничните контроли во земјите на Шенген-зоната, Ленарчиќ изјави дека за тоа ќе одлучуваат членките на таа зона.
Комесарката Киријакидес изјави дека вирусите не познаваат никакви граници, а дека приоритетна задача на секоја власт е да ги заштити своите граѓани.
Истакнувајќи дека раководството на Европската Унија ќе биде во контакт со властите на Италија, Киријакидес изјави дека Европската комисија е подготвена да ѝ помогне на секоја членка каде што ќе се појави коронавирусот.
„Неопходно е да не дозволиме ширење паника и дезинформации. Треба да дејствуваме единствено, координирано и усогласено“, порача Киријакидес.