Şerife Çetin
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
БРИСЕЛ
Претседателката на Комисијата на Европската Унија (ЕУ), Урсула фон дер Лејен, нагласувајќи дека тензијата на Блискиот Исток не влијае само во регионот, туку и на целиот свет, рече: „Итно треба да се запре со оружјето“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Урсула фон дер Лејен и високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, по состанокот на Комисијата дадоа изјава за медиумите. Лејен и Борел изразија сочувство до роднините на патниците што го загубија животот во падот на украинскиот авион во Иран.
Фон дер Лејен, истакнувајќи дека на состанокот разговарале за развојот на настаните во Ирак, Иран и Либија, рече: „Тензијата во регионот влијае на сите нас. Итно треба да се запре со оружјето и да се остави простор за дијалог.“
Нагласувајќи дека кризата има влијание и врз транспортот, енергетиката, економскиот развој и миграцијата, Фон дер Лејен рече дека ЕУ може да придонесе за намалување на тензиите во регионот.
- „Никој нема корист од зголемувањето на насилството“
Високиот претставник Борел истакна дека тензиите во Иран, Ирак и во целиот регион се многу загрижувачки.
„Последниот напад врз воздушните бази што ги користат американските и коалициските сили, вклучително и Европејците, е последниот пример за зголемената тензија и конфликт во Ирак. Никој нема корист од зголемувањето на насилството“, нагласи Борел.
Потсетувајќи дека министрите за надворешни работи на ЕУ во петок ќе се состанат во Брисел, Борел рече дека на состанокот ќе бидат разгледани случувањата во Иран, Ирак и Либија.
Борел, исто така, соопшти дека на состанокот го поканил и Фајиз ес-Серак, претседателот на Претседателскиот совет на Владата на национално единство (UMH) на Либија.