АНКАРА (АА) - Насилството врз араканските муслимани трае веќе со години, а нова димензија доби оваа година кога беа убиени илјадници лица, а стотици се протерани, јавува Anadolu Agency (AA).
Нападите на граничните единици изведени на 9 октомври 2016 година беа причина мјанмарската војска да започне акција. Одредени извори наведуваат дека тогаш настрадале над 400 муслимани од Аракан, дека многу жени биле силувани и биле запалени села.

Таунг Тун, советникот за национална безбедност на министерката за надворешни работи Аунг Сан Су Ќи, на 15 февруари соопшти дека акциите се завршени и дека е укината забраната за излез на улиците, бидејќи во Аракан била воспоставена стабилност, па била доволна само присутноста на полицијата. Во споменатите акции, десетици илјади муслимани од Аракан беа принудени на бегство во околните земји.
Советот за човекови права на ОН, на 23 март донесе одлука за формирање Комисија за спроведување на независна истрага за убивањата, силувањата, измачувањата и обесправувањето на муслиманите од Аракан.
Мјанмарската влада се спротивстави на истрагата на Комисијата, чија цел беше да се утврди дали дошло до кршење на човековите права на муслиманите од Аракан.
Иако акциите во Аракан беа завршени, дискриминирачките ставови на екстремистичките будисти и мјанмарската војска повремено беа невозможни за занемарување, особено ако се земе предвид дека муслиманите на тоа подрачје и понатаму беа приведувани и претставуваа цел на напади.
- Пресврт во август -
Советодавната комисија предводена од поранешниот секретар на ОН, Кофи Анан, на 24 август поднесе извештај за ситуацијата во која се наоѓаат араканските муслимани.
Во извештајот се упатени повици економските извори во Аракан да се поделат праведно меѓу федералните и регионалните власти, да им се плати отштета на жителите на Аракан на кои им е одземена земјата и на муслиманите од Аракан да им се даде државјанство.
Сепак, насилството врз муслиманите од Аракан на 25 август доби нова димензија и се претвори во една од најголемите хуманитарни кризи во последно време.
Паралелните напади на 30 станици на безбедносните сили во Маунгдава, подрачје во кое живее муслиманското население во мнозинство, а во кои загинаа војник, десет чувари, службеник за мигранти и 77 напаѓачи, беа причина за покренување на акција против муслиманите од Аракан.
Портпаролката на Европскиот совет Рохинџа (ERC), Анита Шуг, на 28. август изјави дека за три дена мјанмарската војска во Аракан усмртила меѓу 2.000 и 3.000 лица, а дека повеќе од 100.000 муслимани биле протерани.
Мјанмарската војска и екстремистичките будисти извршија напади во селата на подрачјата Маунгдав, Бутидаунг и Ратидаунг, и во таа пригода беа убиени илјадници муслимани, додека голем број побегнаа во соседен Бангладеш.
Иако владата на Бангладеш прво се обиде да го спречи влезот на муслиманите од Аракан во земјата, увидувајќи ја сериозноста на ситуацијата, им ги отвори вратите.
Следуваше бегство на муслиманите од Аракан преку копно, преку реката Наф или Бенгалскиот Залив кој ги раздвојува овие две земји. Многу муслимани во тој период со денови преку планинското подрачје пешачеа без храна, вода и болни.
Многумина од нив се удавија при бројните потонувања на чамци.
Мјанмарската војска не дозволи влез на хуманитарните организации, ниту организациите за заштита на човековите права во Аракан, при што цивилите сместени во камповите во Аракан беа лишени и од храна.
- Најголема поддршка пружи Турција -
Откако сѐ повеќе се зборуваше за ситуацијата во којашто се најдоа муслиманите од Аракан, најголемата поддршка пристигна од Турција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 5 септември разговараше телефонски со Аунг Сан Су Ќи.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и сопругата на претседателот Ердоган на 7 септември го посетија Бангладеш, а турскиот министер во таа пригода имаше неколку средби.
Су Ќи на 19 септември изјави дека од 5 септември не биле изведувани акции во Аракан, но податоците на меѓународните организациите за заштита на човековите права, како и изјавите на сведоците, покажаа дека акциите сепак се продолжени.
За случувањата во Аракан пристигнаа реакции од многу земји, а вршен е и одреден притисок врз Владата на Мјанмар.
Владата на Бангладеш често повикуваше на муслиманите од Аракан да им се овозможи враќање дома. Во согласност со тоа, со владата на Мјанмар на 23 ноември беше потпишан договор.
Според споменатиот договор, оние кои сакаат да се вратат во Мјанмар мора да достават документ дека живееле во Мјанмар пред да избегаат во Бангладеш. Меѓутоа, во 1982 година на муслиманите од Аракан им беше одземено правото за државјанство, при што тие не се регистрирани во Мјанмар. Освен тоа, дури и документите кои ги предадоа муслиманите од Аракан треба да поминат низ одреден процес на одобрување.
Споменатиот договор привлече внимание кај активистите за човекови права кои сметаат дека мјанмарската војска настојува да ги избегне меѓународните заедници.
- Папата Франциско во Мјанмар не говореше за насилството врз муслиманите -
Поглаварот на Католичката црква, папата Франциско, на 28 ноември допатува во посета на Мјанмар. Притоа се состана со генералот Мин Аунг Хланг и Су Ќи. Меѓународната заедница беше разочарана што на состанокот не се разговараше за насилството врз муслиманите од Аракан.
Организацијата „Лекари без граници“ на 14. декември соопшти дека во Аракан, каде што мјанмарската војска започна да спроведува акции во август, веќе во првиот месец биле убиени над 6.700 муслимани.
- Јилдирим во Бангладеш ги посети муслиманите од Аракан -
Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, на 18 декември допатува во Бангладеш, каде што два дена подоцна ги посети араканските муслимани во камповите во Кокс Базар.
Последните податоци на ОН покажуваат дека од 25 август во Бангладеш побегнале 655.000 муслимани од Аракан. Се претпоставува дека во Аракан во 1970-те години живееле околу два милиони муслимани, а дека тој број поради систематските напади е намален под 350.000.
Снимките на организациите за заштита на човековите права, забележани во Аракан, покажуваат дека се запалени повеќе од 350 муслимански села.