АНКАРА (АА)
Прекинот на Договорот за транспортот на жито преку Црно Море, како што беше најавено оваа недела, ќе има голем број негативни последици, предупреди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека Туркије веќе работи да го спречи тоа, јавува Анадолу.
„Прекинувањето на Иницијативата за жито преку Црно Море ќе има низа негативни ефекти, почнувајќи од покачување на глобалните цени на храната во некои региони до глад, а потоа и нови бранови на миграција. Не се двоумиме да преземеме иницијатива за да го спречиме тоа“, изјави Ердоган за новинарите во четвртокот во претседателскиот авион што се враќаше од посетата на три земји во Заливот.
„Верувам дека со детално дискутирање во врска со ова прашање со рускиот претседател Владимир Путин ќе обезбедиме продолжување на хуманитарниот аранжман“, додаде тој, навестувајќи ја уникатната улога на Туркије како земја во добри односи и со Русија и со Украина, што ѝ помогна првично да посредува во Договорот заедно со ОН.
Русија на 17 јули го суспендира своето учество во Договорот, кој го потпиша минатиот јули заедно со Туркије, ОН и Украина, за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море, запрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Но дури и при обновувањето на Договорот во претходните месеци, Москва се пожали дека не се спроведува рускиот дел од Договорот.
Ердоган рече дека Путин има очекувања од западните земји за Договорот за жито, додавајќи: „Западните земји треба да преземат акција во овој поглед.“
Според историскиот Договор, повеќе од 33 милиони тони жито беа испорачани од украинските пристаништа, спречувајќи глобална криза со храна, рече тој, додавајќи: „Продолжувањето на ваквата витална иницијатива во однос на нејзините резултати е во корист на човештвото.“
Ердоган ги негираше гласовите дека опаднала важноста на Туркије во посредувањето меѓу Русија и Украина.
„Напротив, ние во моментов ги одржуваме нашите односи со Русија. И министерот за надворешни работи Хакан Фидан и шефот на Националната разузнавачка организација МИТ, Ибрахим Калин, ги продолжуваат своите преговори“, додаде Ердоган.
Претседателот на Туркије додаде дека можеби наскоро ќе има телефонски разговор со Путин без да чека евентуална средба во август.
Претходно Ердоган рече дека се очекува Путин да ја посети Туркије во август за да разговара за билатералните односи и регионалните прашања, вклучително и за Договорот за жито преку Црно Море.
„Русија, исто така, има некои очекувања. Доколку тие се исполнат, Русија е за активно функционирање на овој коридор за жито“, додаде тој.
Туркије ќе ги искористи сите свои дипломатски алатки за да се осигури дека Договорот за пренос на жито преку Црно Море продолжува, рече тој, додавајќи: „Постигнат е консензус што му служи на човештвото во воена средина и ние ќе дадеме сѐ од себе за да продолжи.“
Тој со надеж рече: „Верувам дека ќе обезбедиме продолжување на Црноморската иницијатива за жито пред процесот да биде пролонгиран.“
Туркије, меѓународно пофалена за нејзината единствена улога на посредник меѓу Украина и Русија, постојано ги повикува Киев и Москва преку преговори да ја прекинат војната, која веќе трае повеќе од 500 дена.
На неодамнешниот Самит на НАТО во Литванија, Ердоган се согласи да ја проследи кандидатурата на Шведска за влез во НАТО до турскиот Парламент на гласање за ратификација. Со оглед на тоа што Парламентот во моментов е на летна пауза, дискусијата ќе започне оваа есен.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО веднаш откако Русија започна војна против Украина во февруари 2022 година.
Иако Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да ги исполни своите обврски да не им дава засолниште на терористите и поддржувачите на терористите и да не ги олеснува нивните акции.
„Ќе ги следиме ветувањата и гаранциите дадени од шведската страна. Ќе преземеме мерки во согласност со чекорите што ги презема Шведска“, објасни Ердоган и додаде:
„Влезот на Туркије во ЕУ, нацијата што е локомотива на НАТО-сојузот, со својата втора најсилна армија ќе ѝ даде дополнителна сила и виталност на Унијата.“
Тој нагласи дека Шведска може да ја олесни својата кандидатура за НАТО со преземање конкретни чекори во борбата против терористичките организации и екстрадицијата на терористи.
„Се радуваме на исполнувањето на ветувањата и гаранциите“, истакна Ердоган.
Говорејќи за турнејата оваа недела во Заливот, каде што ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Ердоган рече дека регионалните прашања треба да се решат преку регионална соработка.
„Во оваа смисла, се договоривме да ги продолжиме нашите консултации и координации за регионалните прашања“, додаде тој, појаснувајќи кои договори се потпишани.
На средбите, лидерите на земјите што ги посети во Заливот ѝ се заблагодарија на Туркије за чекорите што ги презема во односите со Египет.
Претходно овој месец Туркије и Египет ги подигнаа своите дипломатски врски на ниво на амбасади и заеднички именуваа амбасадори.
„Се разбира, сега и нашите министри и бизнисмени ги развиваат своите односи со Египет. Развојот на односите со Египет, исто така, значително ќе го зголеми нашиот економски потенцијал“, рече Ердоган.
Ердоган рече дека следната недела, на 25 и 28 јули, во Туркије одделно ќе им биде домаќин на палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Ќе се разговара за билатералните односи, регионалните и меѓународните прашања.
Запрашан за извештаите на израелските медиуми за преносот на израелскиот природен гас од Медитеранот во Европа преку Туркије, Ердоган рече:
„Најдобар проект е испораката на природен гас во Европа преку Туркије.“
Тој додаде дека трошоците за транспорт на природен гас од Медитеранот до Европа се превисоки.
Ердоган рече дека доколку природниот гас се пренесува преку Туркије, Анкара ќе влезе во профитабилен процес на користење гас и ќе има можност да го пренесе во Европа по одредена стапка.
„Со овој чекор, ова е првпат да воспоставиме контакт со Нетанјаху. Се надевам дека овој развој ќе биде почеток на многу потопол период во турско-израелските односи“, додаде претседателот на Туркије.
news_share_descriptionsubscription_contact


