Merve Aydoğan
25 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека за време на неговата посета во Јужна Африка, ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин и ќе разговара во врска со настаните во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на прес-конференцијата во Анкара, во пресрет на неговата посета на Јоханесбург, каде што ќе присуствува на Самитот на БРИКС, Ердоган изјави: „Настаните во Сирија, без разлика дали во Тал Рифат или Мунбич, не се одвиваат според посакуваното“.
„Единствените места каде што случувањата одат во посакуваниот правец се Африн, Џарабулус и Ал Баб“, додаде тој.
Турскиот претседател, исто така, изјави дека за време на состанокот со Путин ќе разговараат и за прашањата за Идлиб и Дера.
„На тие места може да се случи сешто и во кое било време“, рече Ердоган.
Минатиот месец силите на режимот започнаа опсежна воена операција во Дера, поддржана од руските воздухопловни сили, што доведе до воспоставување контрола од страна на сирискиот режим и неговите сојузници над поголемиот дел од јужната граница на земјата со Јордан, во согласност со Договорот за прекин на огнот меѓу Русија и оружените опозициски групи.
Судирите доведоа до голема криза на раселување, во која 350.000 цивили избегаа од Дера кон областите близу јорданската граница.
Регионалниот блок на БРИКС е составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, земји кои имаат повеќе од 20 отсто од светската економија и придонесуваат со околу 17 отсто во меѓународната трговија.
Ердоган ќе присуствува на Самитот на БРИКС кој се одржува во Јоханесбург од денес до петок. Неговото присуство на Самитот ќе служи како прв контакт на високо ниво меѓу Турција и блокот на БРИКС.
Во рамките на Самитот, претседателот се очекува да оствари билатерални средби со лидерите на сите земји членки на БРИКС и другите поканети лидери.