Mehmet Tosun, Enes Kaplan
21 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ЊУЈОРК
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање пред претставниците на американскиот деловен свет, рече дека флексибилните и високи производствени капацитети на Турција нудат многу можности за американските компании. Ердоган изјави дека верува оти светот на бизнисот ќе заземе поцврст став против злонамерните активности на одредени лоби и интерес групи чија единствена цел е да ги затрујат турско-американските односи, известува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, кој е во посета на САД, зборуваше на настан организиран од Турско-американскиот деловен совет (ТАИК) со учество на претставници на американскиот деловен свет.
„Турција и САД се два моќни стратешки партнери и сојузници веќе 70 години. Нашата соработка се базира на многу посебна и цврста основа и придонесува за мир, стабилност и безбедност во многу делови на светот. Критичните настани во последно време, повторно ја покажаа важноста и вредноста на стратешкото партнерство меѓу нашите земји“, истакна Ердоган.

Нагласувајќи дека постојат сериозни можности за соработка меѓу Турција и САД, Ердоган истакна дека тоа не се однесува само во областа на економијата и трговијата, туку и пошироко, од безбедност до борба против тероризмот, од одбрана до инвестиции.
„Како и во личните односи, државите може да имаат различни гледишта за некои прашања одвреме-навреме. Ние веруваме дека ова може да се надмине преку дијалог во насока на солидарност и меѓусебно почитување. Ќе се види дека турско-американските односи имаат зрелост и способност да ги надминат тешкотиите на кои наидоа“, посочи претседателот на Турција.
Според него, важно е двете земји да имаат силно политичко разбирање и волја во таа насока.
„За време на нашата искрена и сеопфатна средба со мојот драг пријател, претседателот (Џо) Бајден, во Брисел на 14 јуни, ја потврдивме нашата заедничка волја по ова прашање. Целосно се согласуваме со претседателот дека подобрувањето на нашите економски односи е возможно и потребно. Заедно ја нагласивме нашата решеност да го зголемиме обемот на билатералната трговија на 100 милијарди долари. Се согласуваме дека оваа бројка е реална цел што лесно може да се постигне ако се преземат вистинските чекори", рече Ердоган.
Потсетувајќи дека трговијата меѓу Турција и САД се зголемила на 21 милијарда долари минатата година и покрај пандемиските услови, Ердоган рече дека САД се рангирани на третото место меѓу земјите во кои Турција извезува најмногу. Тој додаде дека очекуваат трговијата да достигне 25 милијарди долари до крајот на годината.
„Верувам дека доколку правилно го искористиме пост-пандемискиот период, лесно ќе ја постигнеме целта од 100 милијарди долари“, рече Ердоган.
Потсетувајќи, исто така, на фактот дека Турција се наоѓа на второто место во Г-20 со стапка на раст од 1,8 отсто минатата година, Ердоган рече дека Турција е една од земјите со најголем пораст на индустриското производство во Г-20 во истиот период.
Тој додаде дека Турција го продолжила овој импулс, постигнувајќи стапки на раст од 7,2 отсто во првиот квартал и 21,7 отсто во вториот квартал од 2021 година. Тој, исто така, потсети на рекордниот годишен извоз на Турција од 210 милијарди долари.
„Нашите флексибилни и високи производствени капацитети нудат многу можности за американските компании, особено во контекст на синџирите на снабдување и безбедноста на снабдувањето“, рече Ердоган.
Наведувајќи дека деловните луѓе се амбасадори на пријателство и партнерство меѓу двете земји, Ердоган подвлече дека деловните луѓе имаат голема улога на тоа поле.
„Со цел да ги отстраниме пречките за нашата трговија, очекуваме да преземете иницијатива пред американските власти. Нема сомнение дека вашиот придонес и придонесот на деловните совети за подобрување на турско-американските односи ќе има повеќекратни ефекти. Знам дека многу добро ја гледате вистинската цел и опасност која ја претставуваат невтемелените клеветнички кампањи против нашата земја од страна на некои лоби и интерес групи чија единствена цел е да ги затрујат турско-американските одности. Верувам дека ќе заземете цврст став против овие злонамерни активности кои се далеку од правните и историски факти“, заклучи Ердоган.