ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, застана зад Иран во услови на сѐ поголеми обвинувања во врска со нападите со беспилотни летала врз две саудиски нафтени постројки овој месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сметам дека не е правилно да се обвинува Иран“, изјави Ердоган во интервјуто за американскиот телевизиски канал „Фокс њуз“ (Fox News).
Тој потсети на фактот дека нападите дошле од неколку делови на Јемен.
„Ако го ставиме целиот товар само на Иран, тоа не е правилниот начин. Бидејќи достапните докази, неизбежно, може не укажуваат на тој факт“, рече претседателот.
Тензиите во Заливот ескалираа откако беспилотни летала извршија напад врз две нафтени постројки во северниот дел на Саудиска Арабија на 14 септември.
Бунтовничката група на јеменските Хуси ја презеде одговорноста за нападите, но Соединетите Американски Држави (САД) и Саудиска Арабија го обвинуваат Иран, кој отфла каква било поврзаност со нападите.
Осврнувајќи се на американските санкции врз Иран, Ердоган рече дека нема поента од нив.
„Ние сме соседи со Иран и знам дека санкциите никогаш не решиле ништо“, рече Ердоган.
Турскиот претседател, исто така, ги отфрли наводите на американскиот весник „Њујорк пост“ (The New York Post), кој тврди дека Турција им помага на Иран, Венецуела и Сирија да ги избегнат санкциите на САД, преку турските банки и компании.
„Ова се обвинувања искажани од терористичката организација позната како ФЕТО“, рече Ердоган. ФЕТО е организацијата која стои зад неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година.
„Овие обвинувања се повеќе од погрешни. Сето ова е пропаганда произведена од страна на терористичката организација ФЕТО“, истакна Ердоган, додавајќи дека турските банки целосно работат во согласност со банкарските регулативи.
„Банкарските регулативи за вршење трансакции отсекогаш се спроведувале во рамките на меѓународно признаени принципи“, нагласи тој.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на припадниците на организацијата во турските институции, особено во Армијата, полицијата и во судството.
- Екстрадицијата на водачот на ФЕТО -
Турскиот претседател истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) барале документи и докази за екстрадицијата на Ѓулен.
Ердоган рече дека турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, се состанал со американскиот јавен обвинител, Вилијам Бар, во јуни, и дека тој разговарал со претседателот Доналд Трамп.
„Ги доставивме доказите во папки, но никогаш не добивме какви било резултати“, рече Ердоган. „Ако сме стратешки партнери, треба да се бориме заедно против тероризмот“.
Водачот на ФЕТО живее во американската сојузна држава Пенсилванија од 1999 година.
Анкара од САД неколкупати бараше екстрадиција на Ѓулен.
Во однос на турско-американските односи, Ердоган рече дека тие односи имаат долга историја изградена врз многу силни врски.
„Нашата цел е да ги прошириме економските односи меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Турција и да го зголемиме обемот на трговска размена меѓу двете земји до 100 милијарди долари“.
Запрашан во однос на тоа дали Трамп или Барак Обама гаеле подобри односи со Турција, турскиот претседател одби да направи таква проценка.
„Морам да кажам дека откога претседателот Трамп ја презеде функцијата, имаме блиски врски и блиски односи“, рече Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
