Handan Kazancı
28 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вчерашното обраќање на бизнисмените во Јоханесбург изјави дека сака да ги зајакнат трговските односи со Јужноафриканската Република, јавува Anadolu Agency (AA).
„Посветени сме на воспоставување инвестициско и трговско окружување кое ќе биде во корист на двете земји“, изјави Ердоган во рамките на 10. Самит на земјите на БРИКС, кој оваа година се одржа во Јоханесбург.
Ердоган изјави дека африканските земји, како и Турција, ја стекнале својата независност со крв и дух, а не со милост на одредени светски сили.
„Ниту вие, ниту ние можеме да се откажеме од своите достигнувања. Она по што долги години копнеат нашите африкански браќа се вистински пријатели кои ја почитуваат нивната историја, култура, традиција и јазик“, изјави Ердоган, напоменувајќи дека Турција и понатаму сака да ѝ биде вистински пријател на Африка.
Тој нагласи дека Турција никогаш нема да го прифати меѓународниот економски поредок во кој некои земји се произведувачи, а некои само потрошувачи.
БРИКС е унија на земји со брза растечка економија која е составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
Оваа година на Самитот како гости беа поканети турскиот претседател Ердоган и лидерите на неколку африкански земји.
Инаку, членките на групата БРИКС претставуваат повеќе од 40 отсто од светската популација.