Mümin Altaş
15 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
БАКУ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во официјална посета на Баку, главниот град на Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган беше пречекан на Аеродромот „Хајдар Алиев“ во Баку од вицепремиерот на Азербејџан, Јагуп Ејујубов, заменик- министерот за надворешни работи на Азербејџан, Халеф Халефов, азербејџанскиот амбасадор во Анкара, Хазар Ибрахим, и турскиот амбасадор во Баку, Џахит Багчи.
Во турската делегација покрај сопругата на Ердоган, Емине Ердоган, се наоѓаат и министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, портпаролот на претседателот, Ибрахим Калин, портпаролот на АК Партијата, Омер Челик, и претседателот на турската група на Парламентарното собрание на НАТО, Осман Ашкин Бак.
Во рамките на својата официјална посета, Ердоган ќе го посети и градот Шуша во Нагорно Карабах, што беше ослободен од окупацијата на Ерменија по 28 години.
Ердоган во градот Шуша со официјална церемонија ќе биде пречекан од страна на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.
По тет-а-тет средбата со Алиев, Ердоган ќе присуствува на церемонијата за потпишување договори, а потоа ќе биде одржана и заедничка прес-конференција.