Berk Kutay Gökmen
16 Февруари 2026•Ажурирај: 17 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Џефри Епстин финансиски го поддржал истражувачот во областа на вештачката интелигенција (ВИ) Бен Гоертцел и му помогнал да обезбеди најмалку 8,9 милиони хонгконшки долари (околу 1,14 милиони американски долари) во грантови од Владата на Хонгконг, објави денес весникот „Саут Чајна морнинг пост“, пренесува Анадолу.
Електронските пораки објавени од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави покажуваат дека Епстин ветил најмалку 113.000 американски долари во текот на пет години за поддршка на иницијативата за код кој е јавно достапен во областа на вештачката интелигенција, предводена од Бен Гоертцел.
Оваа поддршка му овозможила на Гоертцел да ги исполни условите за подобност за јавните истражувачки фондови во Хонгконг.
Бен Гоертцел е американски компјутерски научник, познат по промовирање на општата вештачка интелигенција. Во текот на 2010-тите години, работел во Хонгконг како главен научник во компанијата „Хенсон роботикс“, корпорација која стои зад хуманоидниот робот - Софија.
Бил вклучен во проекти за истражување на вештачката интелигенција во Хонгконг при Политехничкиот универзитет, но подоцна се вратил во САД, задржувајќи го статусот на постојан жител на Хонгконг.
Според информациите на медиумот „Саут Чајна морнинг пост“, соработката помеѓу Гоертцел и Епстин датира уште од 2001 година, кога Епстин финансирал стипендија за истражувачки проекти.
Во периодот помеѓу 2010 и 2015 година, Епстин канализирал најмалку 113.000 американски долари низ невладината организација „Хуманити +“, која подоцна е префрлена во „Новаменте“, чиј сопственик е Гоертцел. Ова ѝ овозможи на компанијата „Новаменте“ да дејствува како потребен „индустриски спонзор“ за проекти со кои се аплицира во Фондот за иновации и технологии на Хонгконг.
Според правилата на Фондот, компаниите мора да обезбедат 10 отсто од вкупните трошоци на проектот од индустриски спонзори за да се квалификуваат за државна поддршка, додека остатокот се покрива со јавни средства.
Според информациите на „Саут Чајна морнинг пост“, во период помеѓу 2010 и 2016 година, три проекта од Политехничкиот универзитет, поддржани од Новаменте, примиле финансиска поддршка во вредност од 8,9 милиони хонгконгшки долари.
Е-маиловите покажуваат дека Гоертцел повеќепати барал финансиска помош од Епстин за да ги исполни условите за спонзорство. Во порака од 2011 година, Гоертцел напишал: „Извести ме ако си подготвен да донираш дополнителни 10.000 долари. Ако не, ќе разгледам други опции… моментално навистина не можам лично да си дозволам 10.000 долари.“
Во 2015 година, во период на обновено внимание кон делата на Епстин, Гоертцел побарал дополнителни 25.000 долари. Асистентот одговорил дека „поради актуелната ситуација“ финансирањето ќе биде привремено суспендирано.
Гоерцел одговорил: „Видов низа сосема идиотски негативни објави во медиумите, и жал ми е што вие морате да се справувате со тоа.“
Подоцна, истиот ден, Епстин го одобрил трансферот.
Комуникацијата меѓу нив продолжила најмалку до 2018 година, околу една година пред Епстин да биде уапсен по федералните обвиненија за трговија со луѓе. Тој беше пронајден мртов во својата затворска ќелија во 2019 година.
Гоертцел изразил жалење. „Кога се осврнувам назад, жалам што го познавав човекот, или што ги земав неговите пари, или што имав каква било врска со него“, изјави тој за медиумите.
„Причината зошто кој било научник би имал контакт со Џефри Епстин беше многу едноставна – обезбедувањето средства за истражување е тешко“, додаде тој.
„Особено во тоа време… обезбедувањето средства за истражување на (вештачка општа интелигенција) беше речиси невозможно. Кога вашето истражување практично нема финансии, тешко е да се каже 'не'.“